5-ти Мај! – Ден кога го празнуваме нашиот преубав МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Денешниот ден, 5 мај е прогласен за Ден на македонскиот јазик.

Истиот е прогласен во чест на 5 мај 1945 година кога Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.

Владата го прогласи овој ден за Ден на македонскиот јазик на 130. седница одржана на 16 април 2019 година.

Прогласувањето е во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945-та за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис со што беше стандардизиран македонскиот јазик.

Азбуката е создадена на 3 мај 1945 и е предложена на тогашната Влада. Таа ја прифатила и азбуката е официјализирана на 5 мај со објавување во весникот „Нова Македонија“, зашто во тоа време не постоел Службен весник каде што државата ги објавува своите одлуки. Објавувањето на 5 мај се смета за службен документ.

Процесот на создавање на азбуката бил долг и не бил лесен. Тоа го опишал и Блаже Конески. Имало две комисии, според некои три, и не се согласиле сите одеднаш.

Идејата е 5 мај да биде ден на македонскиот јазик од работен карактер и да се одбележува таму каде што е најпотребно – од најниските степени на образование до највисоките – со пригодни реферати, рецитали или со детали од историјата итн.