Израел во војна со Палестинците – двете страни разменуваат оган, многу загинати и ранети

Палестинците рано утрово лансираа десетици ракети од Газа, а Израел возврати со нови воздушни напади.

Израелската армија утрово објави дека како одговор на гранатирањето од Појасот Газа врз Израел, гаѓала 130 цели на палестинската територија кои припаѓаат на Хамас.

Најмалку 15 припадници на палестински вооружени групи се убиени во Појасот Газа. Војската исто така потврди дека извршила десетици воздушни напади врз појасот Газа во текот на ноќта, насочени кон воени инсталации и припадници на Хамас.

Во Газа, синоќа во израелски напади беа убиени 22 лица, од кои девет деца, а над 700 Палестинци беа повредени во судирите со израелските сили во Ерусалим и во Западен Брег во последните 24 часа, а 500 од нив беа примени во болници , Пренесува АП.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху во понеделникот изјави дека терористичките организации во Газа ја преминале „црвената линија“ и извршиле ракетен напад врз предградијата на Ерусалим.

Тој рече дека борбите можат да продолжат уште некое време и дека кој ќе го нападне Израел ќе плати висока цена.

Во изјава утрово, водачот на Хамас, Исмаил Ханија, рече дека ракетните напади ќе продолжат, сè додека Израел не ги запре дејствијата на тероризам и насилство во Ерусалим, во близина на џамијата Ал Акса.