Жално е што учениците не се подготвени за предизвиците од новото време

Министерката за образование, Мила Царовска, смета дека реформите што треба да се спроведат во образованито не се избрзани, туку дури се и задоцнети.

„Ако тоа сме го направеле пред 10 години, немаше денеска да бидеме ниско на меѓународните тестирања, кои покажуваат не дека нашите деца не може да научат, туку оти системот на кој ние ги учиме не е соодветен затоа што меѓународните тестирања бараат поврзување на знаењата од разни научни дисциплини и доаѓање до одреден заклучок. Нашите ученици, жално, но вистинито, не се подготвени за ваков тип на соочување со предизвиците што ги носи новото време. Концепцијата ќе почне да се спроведува и очекуваме да даде резултати по пет-шест години. Паралелно ќе се инвестира во сите три компоненти и инфраструктура, наставни програми и материјали и наставници“, рече Царовска одговарајќи на новинарско прашање при обиколката на инфраструктурните зафати во ОУ „11 Октомври“ во општина Центар.

Според неа, со новата концепција за основно образование учениците ќе стекнуваат знаења и вештини преку системи што се светски познати, каде што интеграцијата на содржините и на информациите ќе ги носи кон одредени заклучоци, ќе ги насочува кон преиспитување и истражување.