Протести во Скопје за солидарност со палестинскиот народ

Со транспаренти „Крај на опсадата“, „Слобода“ и „Смрт на фашизмот“, на плоштадот Македонија се одржа мирен собир во знак на солидарност со палестинскиот народ, пренесе Канал 5 телевизија.

Ескалацијата на судирите во појасот Газа беа повод за организирање на мирен протест на помала група граѓани во строгиот центар на Скопје во знак на солидарност со народот на Палестина.

Но нивните повици да се стави крај на нападите и опсадата во источен Ерусалим завршија во втор план. Кратко откако се собраа ги опколи многу порадикална група од стотици демонстранти. Со себе носеа разни национални симболи и скандираа „Израелците се терористи“.

Од социјалниот центар „Дуња“ кои го организираа мирниот собир беа принудени да се повлечат настрана и да се оградат од другата група на демонстранти.

Доктор Ман Махмалад е роден во Палестина и повеќе од три децении живее во Македонија. Вели дека мешањето на радикалната група во мирниот протест ја извадила од контекст пораката која тие сакале да ја испратат.

„Денеска треба да се брани Палестинскиот народ што умира таму – и муслимани и христијани. Никој не знае дека таму умираат и христијани. Кога се руши една зграда во неа има и христијани и муслимани, не само муслимани. Доаѓаме да ги браните децата, жените, да ги браниме живеалиштата на овие жени и деца, велат на протестот.