Радев со авионот ќе го собере и Пендаровски од Скопје па ќе слават „Кирил и Методиј“ во Рим

Македонската и бугарската делегација на 26 мај со заеднички активности во Рим ќе го прослават делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Имено, Бугарската делегација предводена од претседателот Румен Радев ќе допатуваат во Скопје, а по кусата средба со претседателот Стево Пендаровски на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари ќе отпатуваат за Рим.

Претседателот Пендаровски денеска по вакцинацијата, на новинарско прашање, истакна дека заедничкото патување било на предлог на бугарскиот претседател Радев.

„Јас мислам дека е добро, бугарскиот државен авион да ја собере целата делегација од кај нас и да продолжиме. Мислам дека имаме околу 25 места со се новинари, и нивната екипа отприлика брои толку, да отидеме заеднички да учествуваме и тоа го правиме традиционално. Заради здравствените протоколи кои важат кај Папата не можевме баш на денот да отидеме, туку ќе одиме на 26 и 27-ми“, посочи Пендаровски.