Токсичен отпад увезуван како мазут, малверзации за загаден воздух, кој не труе !?(Видео)

Огромни количества на отпадно масло, кое било увезувано во државава и било наменето за продажба на големи индустриски капацитети, како и за загревање на државни институции, било декларирано како мазут, открива новинарската истражувачка лабораторија ИРЛ.

Илјадници тони отпадно масло, со потекло од ЕУ, каде била забранета неговата употреба во урбани средини поради токсичноста, завршувало во земји надвор од Унијата, меѓу кои и Северна Македонија, во 2018 и 2019 година, со посредство на неколку фирми од државава и потоа било продавано на големи компании како поранешен Фени, сегашен Еуроникел од Кавадарци, фирмата Брако од Велес, а преку системот на јавни набавки завршувал и како масло за греење во котлите на Министерството за одбрана, како и во седум државни болници и родилишта.

Истражувачкиот тим на ИРЛ утврдил дека опасниот отпад ги минувал границите на повеќе европски држави, при што, во ЕУ земјите бил деклариран како индустриско отпадно масло со статус на опасен отпад, додека пак во земјите што не се во Унијата, како Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово бил деклариран како масло за греење односно мазут и со така изменет тарифен број бил увезуван и во нашата држава. Еден од увозниците била и кичевската фирма Евротим ГДС, чиишто сопственици биле Илија Срезоски и неговиот зет за ќерка Гоце Стефаноски, открива ИРЛ. Најголем корисник, пак, на овој штетен енергенс бил екс-Фени сегашен Еуроникел кој бил снабдуван со околу 2500 тони месечно, како и Брако, каде еден од ко-сопствениците е и поранешниот вице-премиер за економски развој Кочо Анѓушев, инаку близок со едниот од сопствениците на Евротим ГДС. Притоа, името на Анѓушев се поврзува со зделката за набавка и за користење на отпадното масло наместо мазут во нашата држава.

Ова го открива серијалот на ИРЛ “Редакција” во својата прва епизода. Во неа се открива една од најголемите македонски тајни во последниве неколку години поради кои илјадници луѓе починаа или имаат здравствени последици.

“Дали ја гледаше епизодата „Заговор против воздухот“ која разоткрива малверзации околу загадениот воздух?
Имаш право да знаеш кој профитира и кој стои зад незаконските набавки на токсичен мазут. Ако ова ти изгледа шокантно, погледни ја целата епизода”, пишува во најавата на ИРЛ.

YouTube video player