Милановиќ со порака до ЕУ и Бугарија: Доста ја шутиравте Македонија, досега плати висока цена

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ги отфрли критиките од Софија за неговите изјави за бугарската политика кон европската интеграција на Македонија и повторно порача дека нашата земја не требада се „шутира”.

„Македонија се навикнаа да ја третираат како ‘side kick’, некој кој го шутираш од страна и ако имаш некаков внатрешно-политички проблем кој не можеш да го решиш тогаш секогаш можеш да удриш по Македонија. Тоа не е во ред“, изјави Милановиќ.

Според него, Македонија ги исполни сите демократски услови за почеток на пристапните преговори со ЕУ. 

Милановиќ во понеделникот на самитот на процесот Брдо-Бриони ја критикуваше Бугарија со многу остри зборови велејќи дека Софија го условува влегувањето на Македонија во ЕУ со „измена на историските учебници“.

Според него, „таа држава и тој народ досега платија прилично висока цена“.

„Тие играат многу примерно и според правилата. Тие ги исполнија сите демократски услови што може да се замислат, тоа е мултинационална заедница во која има многу Албанци и таа соработка е примерна“, додаде Милановиќ.

Тој исто така потсети дека Македонија, меѓу другото, „се покори на грчките барања да се стави Северна пред името Македонија“.

„Конечно ги примија во друштвото на мртви поети и сега оваа состојба која навистина влегува во интимен простор“, рече претседателот, тврдејќи дека земјата е „жртва на недостаток на интерес и, ако сакате, на елементарна емпатија“.

„Ова не се прави во 21. век. Апсолутно не е основа за утрешниот соживот во Европската унија“, рече Милановиќ.

Тој исто така направи паралела со притисоците на Словенија за време на процесот на пристапување на Хрватска во ЕУ, велејќи дека условите биле „рационални, можеби и меркантилни“.

„Но, тоа е дозволено, таа никогаш не нè потопуваше со намера да нѐ удави“, смета Милановиќ.

Тој исто така рече дека што го кажува го мислат сите и дека станува збор само за тоа кој се осмелил да го каже, односно, ако не се осмелил, зошто не се осмелил.

„Би сакал и другите да го кажат тоа, сите коментираат во кулоарите и се згрозени“, рече Милановиќ. 

Поради ваквите изјави на Милановиќ, хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњановац беше повикана на разговор во бугарското МНР.

мкд.мк