Се огласи семејството нa починатата Ирена: Дали некој упорно додава “олеснителни околности” за да ја оправда нејзината смрт?

Гинеколошко акушерската клиника вчера попладне го доби хистопатолошкиот наод за пациентката Ирена Костовска која почина на КАРИЛ на 9 мај 2021, а која беше примена на ГАК на 21 април 2021 година со голем тумор на матката и оперирана на 22 април со уреден оперативен тек.

Наодот, како што наведуваат во соопштение, оди во прилог на автоимуно воспаление на крвните садови на тенкото црево и на вроден сегментен недостаток на мускулниот слој на тенкото црево што всушност е и причината која довела до постоперативна спонтана перфорација, што било причина за вториот оперативен третман на пациентката во присуство на дигестивен хирург, пренесува СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.

Од Клиниката нагласија дека пациентката имала историја за претходни оперативни зафати, извадена слезинка пред пет години и пунктирани лимфни јазли пред три години кои веројатно се во склоп на системската болест што ја имала пациентката.

Истакнуваат дека оваа дијагноза е исклучително ретка и во голем број од случаите причината за нејзино појавување е непозната, но најчесто е асоцирана кај пациенти кои имаат голем солиден тумор, лимфом, леукемија или некоја воспалителна болест. Системската форма на оваа болест, појаснуваат, според достапната литература, е асоцирана со многу тешка клиничка слика чија дијагноза е невозможно да се постави предоперативно, пренесе СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.

На ваквото соопштение од ГАК реагира семејството. Велат не е точно дека нивната блиска имала пункција на лимфните жлезди пред три години.

-Од каде се појави информацијата дека освен операцијата за отстранување на слезината пред 5 години Ирена имала и пункција на лимфните жлезди пред 3 години? Никој од семејството, а ни матичната докторка не е запознаена дека Ирена имала таква интервенција! И зошто јавно не е објавен патолошкиот извештај, посебно делот со макроскопијата? Дали некој упорно додава “олеснителни околности” за да ја оправда нејзината смрт?, се дел од прашањата на семејството, пренесе порталот.