Синоќа се одржала забранета журка среде пандемија во Скопје. Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат дека без маски, без дистанца и со диџеј синоќа имало забава во центарот на главниот град пред Музејот на Македонија.
Од Музејот за уметност велат дека не се работело за журка туку за специјален перформанс.
Од МВР велат дека работат на расчистување на овој случај иако синоќа полицијата не успеала да ја детектира или да ја растури забавата.
Според сегашните протоколи забранети се масовни собири, задолжително е носењето маска на отворено и не е дозволено организирање настани со жива музика.
Патување кон Грција: Дојран единствениот сигурен премин
Многумина го користат продолжениот викенд за патување во Грција, но се соочуваат со проблеми на граничните премини. Најголемиот премин кај Гевгелија е затворен поради штрајк на грчките земјоделци и неговото отворање е непредвидливо – понекогаш отворен кога патниците тргнуваат, а затворен кога стигнат.
Засега, единствениот премин кон Грција кој постојано е отворен е Дојран. Преминот Меџитлија е затворен за товарни возила и автобуси од 12:00 часот, а преминот Богородица е во прекин од 11:00 часот.
Од Авто-мото сојузот на Македонија информираат дека на преминот Табановце кон Србија времето на чекање е околу 40 минути. Возачите се советуваат да ги следат најновите информации и да го планираат патувањето однапред за да избегнат непотребни застои.
Трамп најави шокантен потег: Може целосно да се повлече од преговорите за Украина!
Американскиот претседател Доналд Трамп може да се повлече од мировните преговори за Украина поради обвинувања за корупција против блиски сојузници на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави неговиот син, Доналд Трамп помладиот.
На форум во Доха, Трамп помладиот рече дека Украина е „многу покорумпирана од Русија“ и го нарече Зеленски „еден од најголемите маркетери на сите времиња“. На прашањето дали неговиот татко ќе се повлече, тој одговори: „Мислам дека можеби ќе се повлече“.
Ова следува по тридневен состанок во Мајами меѓу претставници на Киев и Вашингтон, кој официјално беше оценет како продуктивен, но без конкретни решенија за клучните прашања околу безбедносните гаранции и територијалните спорови.
Сега светот внимателно ги следи следните потези на Трамп, кои може драстично да ја променат динамиката на мировните преговори.
Маск под удар: ЕУ ја казни „X“, конфликтот се прошири на меѓународна сцена
Европската Унија за прв пат го спроведе Законот за дигитални услуги, казнувајќи ја мрежата „X“ на Илон Маск со 120 милиони евра (приближно 140 милиони долари). Регулаторите се незадоволни од „синиот знак за проверка“, за кој тврдат дека не ја потврдува автентичноста на профилите (претходно достапен само за официјални профили, а сега може да се купи за 7 евра месечно, со што ЕУ верува дека го олеснува ширењето на лажни профили), како и одбивањето на платформата да обезбеди пристап до јавни податоци. На „X“ му беа дадени 60 дена да ги исправи проблемите со верификацијата и 90 дена да ги реши проблемите со рекламирањето и податоците.
Маск изјави дека пред казната, ЕУ побарала тајно да цензурира политичари и блогери, заканувајќи му се со санкции. Тој тврди дека други платформи, вклучувајќи го и Фејсбук, се согласиле со таквите услови. Маск потсети дека социјалните мрежи веќе издале директни забрани, вклучувајќи ги и оние на профили на американскиот претседетел Доналд Трамп.
Владата на САД се придружи во јавната расправија околу цензурата, притисокот врз платформите и мешањето во политиката. Државниот секретар Марко Рубио ги нарече постапките на Европската комисија напад врз Америка и „удар врз сите американски технолошки платформи и американскиот народ од страна на странски влади“.
Белата куќа, исто така, се изјасни против казната, поврзувајќи ја со обидите на Европа да ги наметне своите стандарди за регулирање на дигиталните платформи врз САД и да ги контролира американските социјални медиуми.
На Конфликтот се приклучи и основачот на палтформата „Телеграм“, Павел Дуров. Тој го поддржа Маск и изјави дека ЕУ го бара невозможното за да изврши притисок врз компаниите кои не сакаат да ја ограничат слободата на говорот.
Дуров потсети на кривичната постапка против него во Франција и понудите на француските разузнавачки служби да „помогнат“ околу тужбата доколку „Телеграм“ тајно цензурира содржина и се вмеша во изборите во Романија и Молдавија.
Како што соопшти Дуров, шефот на француската надворешна разузнавачка служба, преку посредник, „го замолил да забрани конзервативни гласови“ во Романија и да отстрани неколку молдавски канали во замена за поволна судска одлука во неговиот случај. Маск ја реобјави таквата изјава на Дуров.
Како одговор, европските политичари порачаа дека „ЕУ не е американска колонија и нема да им дозволи на САД да ги диктираат своите закони“.
Во јавната расправа, Маск го зеде последниот збор, предлагајќи распуштање на Европската Унија.
ЕУ треба да се укине, а нејзините земји треба да го вратат својот суверенитет за подобро да ги претставуваат интересите на своите народи“, порача Маск.