Connect with us

Инфо +

Шпанија нуди peхaбилитaциja зa фyнкциoнepи штo нe мoжaт дa пpecтaнaт co кpaдeњe

Published

on

Измамниците и крадливците долго време ги окупирале насловните страници во Шпанија. Но, сега државата има ново решение – програма за рехабилитација за корумпирани функционери, преку која тие ќе се враќаат во општеството, пишува „Њујорк Тајмс“.

Карлос Албуркерк не е типичен кандидат за рехабилитација. Тој е седумдесетипетгодишен дедо, што живее во Кордоба, град во јужна Шпанија. Пред да се пензионира во 2015 година, Албуркерк работел како градски нотар. Тој не се бори со зависност од алкохол или дрога.

Но, тој не е кандидат за типична програма за рехабилитација. Тој е кандидат за камп кој трае 11 месеци и има за цел да ги реформира шпанските фунционери и да ги врати назад во општеството.

„Поправање на штетата е она што остана за мене во овој живот“, вели Албуркерк, кој отслужува четиригодишна казна затвор за кражба на 400.000 евра, односно скоро половина милион американски долари.

Во период од 32 сесии, во конференциска сала во казнениот дом во Кордоба, Албуркерк ќе биде надгледуван од тим од психијатри. Тој ќе седи во круг заедно со други осудени криминалци на групни терапии со наслови како „лични способности“ и „вредности“. Албуркерк е на некој начин, лабораториско глувче во експеримент кој треба да одговори на вековито прашање – дали во длабочината на неговата измамничка душа, Албуркерк е чесен човек?

Фактот дека во Шпанија постои ваква програма за рехабилитација кажува многу за државното верување во втора шанса, но и за тоа колку корупцијата ја има обземено јавноста. Доколку разлистате некој шпански весник или го вклучите радиото, ќе слушнете за бројни шеми, скандали и мешаници кои најчесто го олеснуваат јавниот буџет.

Шпанската јавност говори за скандалот „Гуртел“, понекогаш опишуван и како „Шпански Вотергејт“ кој еруптираше откако закани за владините фунционери беа откриени во онлајн документи кои припаѓаа на функционер од владеачката партија. Овој скандал помогна да се симне владеачката партија во 2018 година. Постои и случајот „Палау“, каде претседателот на Каталонската музичка сала украл 23 милиони евра, кои потоа ги потрошил на домашни реновирања, луксузни одмори и останати екстраваганции.

Во карпестиот реон на Галиција, полицијата урнала цела пирамида на корумпирани градски функционери во операција наречена „Покемон“. Зошто операцијата е крстена според јапонски анимиран цртан сè уште не е јасно, но според шпекулации, името е ставено поради големиот број на инволвирани функционери – во „Покемон“ има стотици карактери.

Ангел Луиз Ортиз, поранешен судија кој сега управува со шпанските затвори, тажно офка кога погледнува низ прозорецот на неговата канцеларија кон улиците на Мадрид, за време на нашиот разговор за борбата на Шпанија и крадењето на јавниот буџет. Токму ваквите бројни скандали ја обогатија шпанската економија со историја полна измамништва кои ја намалија јавната доверба, истакнува тој.

Барем нивото на корупција во Шпанија не е полошо од она на останатите европски нации, додава тој, се работи само за 5 отсто од криминалот. Антикорупциските надгледувачи ја сместуваат Шпанија под Франција, а над Италија. Рехабилитацијата на измамниците е комплетно шпанска волја, со што државата се издвојува од другите. Токму ваквата програма сместува над 2.044 криминалци „со бели јаки“ во шпанските затвори.

Засега, девет затвори во Шпанија ја имаат усвоено програмата, која започнала во март, оваа година. Затворениците не добиваат намалена затворска казна за вклучување во програмите, но управителите на затворите велат дека учеството помага кога доаѓа време за условно ослободување.

Во програмата засега се вклучени и неколку звучни имиња како Ињаки Урдангарин, кралскиот зет,  олимписки ракометар и поранешен шпански војвода кој отслужува шестгодишна казна затвор. Франциско Кореа, бизнисмен затворен поради случајот „Гуртел“ исто така е запишан во програмата. Шпанската јавност Кореа го знае и по неговиот прекар „Дон Вито“, референца на филмската трилогија „Кум“.

Кога станува збор за овие криминалци, затворскиот управник Ортес смета дека најголем предизвик е убедувањето на корумпираните функционери дека нешто не е во ред со нив.

„Тие се луѓе со пари и моќ, а ние се бориме со идејата дека на нив може сè да им помине и дека не им треба помош“, истакнал Ортес.

Токму поради овој проблем, шпанската влада се обратила за помош кај Сергио Руиз, затворски психијатар кој работи во јужниот град Севиља. Докторот Руиз смета дека освен што затворениците треба да ја прифатат својата состојба преку групната терапија, тие понатаму треба да побараат учество во сесии наречени „обновена правда“ каде ќе бараат прошка од нивните жртви.

Тој додал дека многу бил изненаден при неговото истражување, кога при читањето на научна литература, не пронашол ништо за рехабилитација на криминалци со „бели јаки“.

Психијатрите проучувале секакви состојби на умот, но многу малку од нив се потрудиле да го проучат разумот на сомнителни функционери подготвени да го олеснат јавниот буџет за складирање отпад.

Токму поради оваа причина доктор Руиз решил да направи сопствено истражување. Тој составил три групи – криминалци со „бели јаки“, насилни криминалци и обични граѓани, при што решил поединечно да ги интервјуира за нивните вредносни системи и верувања.

Резултатите беа изненадувачки за сите, додал Руиз.

„Ние мислиме дека овие луѓе се безмилосни, но не е така. Тие го имаат истиот вредносен систем и верувања како нас“, изјавил Руиз за криминалците со „бели јаки“.

Напротив, додал тој, корумпираните умови имаат уникатен капацитет да создаваат исклучоци на нивните правила, нешто што когнитивните психолози го нарекуваат „моралнo распаѓање“.

„Тие користат сложени објаснувања за да ги претстават своите лоши дела како нешто што е корисно за јавноста, а не за нив“, објаснува докторот.

Тој додал дека пронашол две опасни карактеристики кај измамниците – егоцентризам и нарцисизам.

На прв поглед Албуркерк, корумпираниот нотар од Кордоба кој се вклучил на програмата за рехабилитација, не изгледа како да поседува ниту една од опасните особини. Тој е учтив и зборува тивко, дури и во гласните простории на затворот. Тешко е да се замисли дека „дрпнал“ скоро половина милион американски долари.

„Некој мора да преземе одговорност“, изјавил Албуркерк, додавајќи дека неговата приказна има делови кои треба да се дораскажат.

Додека буџетите полека се празнеле под негов надзор, тој секогаш ги плаќал своите работници со високи суми, за разлика од останатите градски нотари. Албуркерк дури се обидел да врати дел од украдените пари пред да биде откриен. Сите во Кордоба би се согласиле дека тој е еден од најважните жители на градот.

„Јас имав предност пред другите смртници, но не многу голема, имајќи предвид дека спиев пет часа помалку од останатите. Цело време работев и проучував“, изјавил Албуркерк, зборувајќи за својата работна етика.

Затворската чуварка Јоланда Гонзалез Перез, изјави дека слушнала скоро сè од криминалците со „бели јаки“ пред тие целосно да ги прифатат своите криминали.

„Тие најчесто велат „јас сум помал криминалец од останатите“, истакнува Перез.

Но, докторот Ортез не е толку загрижен. Тој секогаш е подготвен да ги згрижи криминалците со „бели јаки“, доколку тие покажат дека се подготвени да се вратат на старите навики.

Балкан

Членови на опозицијата доставија документи кои се основа за истрага за корупција и криминални активности на Имамоглу

Published

on

Членови на највлијателната турска опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) доставија документи кои се основа за истрага за корупција и криминални активности на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е од нејзините редови, соопшти денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во своето обраќање тој ја обвини опозицијата за вандализам на улиците и напади врз полицијата.

„Никогаш не сме ги заборавиле и нема да ги заборавиме тие кои се обидуваат да не победат со нелегитимни средства и тие кои се толку очајни што ја туркаат државата во конфликт“, рече турскиот претседател во своето обраќање.

Тој рече и дека за секој обид за саботажа против турската економија, просперитетот и мирот во земјата ќе се одговара пред суд.

Имамоглу, главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, беше уапсен минатата среда, а неговото апсење ги предизвика најголемите улични протести во Турција во повеќе од една деценија.

Судот во неделата одлучи дека Имамоглу треба да остане во притвор до почетокот на неговото судење за наводно основање и водење на криминална организација, давање поддршка на терористичка организација, корупција и примање мито, што тој го негира.

Continue Reading

Европа

ЕУ повикува: Складирајте критични резерви доволни за 72 часа

Published

on

  • Европската комисија побара од граѓаните да направат „критични резерви“ од основни продукти како храна, вода и лекови доволни за најмалку 72 часа, за во случај на итни ситуации.
  • Во новата Стратегија за подготвеност на Брисел како можен ризик за ЕУ се истакнува и „оружена агресија против членки на ЕУ“. Другите ризици се природни катастрофи, кибернетски напади и геополитичка криза.
  • Стратегијата ќе се фокусира на подобрување на системите за рано предупредување, одржување на неопходните услуги како здравствената помош и пристапот до вода, како и помош на граѓаните да се подготват за криза.
  • „Семејствата што живеат во зони во кои се можни поплави знаат што треба да направат кога ќе се крене водата. Системи за рано предупредување може да спречат губење скапоцено време при шумски пожари“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Извор

Continue Reading

Балкан

Васил Стерјоски од МАЕИ се кандидира за нов пратенички мандат – „вашата поддршка е наш заеднички успех“ им порачува на Македонците во Албанија

Published

on


Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, кој на претстојните парламентарни избори во Албанија е во трка за пратенички мандат, преку објава на Фејсбук се обрати до Македонците во округот Корча, да го поддржат порачувајќи дека „вашата поддршка е наш заеднички успех“.

Во објавата на почетокот се задржува на трагедијата што се случи во Кочани, која во овие тажни денови „ја потврди семакедонската сплотеност и единство“.

„Трагичниот настан во Кочани нè погоди сите Македонци, каде и да сме… Националната трагедија во Кочани нè потсети колку сме поврзани, ја потврди семакедонската сплотеност и единство, без разлика на границите! Во овие тешки мигови, нашите мисли и срца се со семејствата на загинатите – Бог да ги прости и вечна им слава, со пријателите, со целиот македонски народ кој ја дели оваа болка, нашите молитви се со повредените за нивно најбрзо заздравување. Било, никогаш да не се повтори“, наведува Стерјовски.

Националната трагедија во Кочани, додава, се совпадна со мојата кандидатура за пратеник на претстојните парламентарни избори во Албанија, што ќе се одржат на 11 мај годинава. Од почит кон загинатите и во знак на солидарност, не ја објавив мојата кандидатура додека траеа деновите на жалост.

„На овие избори Македонска алијанса за европска интеграција настапува во коалиција со Социјалистичка партија. Во согласност со договорот за коалицирање, јас сум кандидат на изборната листа на Социјалистичка партија за округот Корча. Од 143 кандидати кои се натпреваруваат во Округот Корча, од 11 партии и коалиции, јас сум единствениот Македонец во трка за пратенички мандат – предложен од Македонска алијанса за европска интеграција. Упатувам искрена благодарност до Социјалистичката партија која ни даде можност да се најдеме на нивната листа. Мојата искрена благодарност и до Македонската алијанса за европска интеграција, за поддршката и довербата да ја претставувам македонската заедница во Албанија во овој важен политички процес“, напиша тој.

Оценува дека на Македонците во Албанија им недостига претставнички мандат во Собранието на Република Албанија, дека “долги години изборните закони беа дискриминаторски кон националните малцинствата, оневозможувајќи ни да имаме свој глас во законодавната власт“.

„Во претходниот мандат, како пратеник, предложив законски измени за гарантирани квоти за националните малцинства. За жал, големите партии сè уште немаат политичка волја и слух да ги прифатат овие промени, иако декларативно зборуваат за албанското општество како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално. Сепак, како Македонци во Албанија, не се откажуваме од таа амбиција. Продолжуваме да ги користиме сите можности за учество на изборите, да осигураме – македонскиот глас повторно да се слуша во Собранието на Република Албанија“, нагласува Стерјовски.

Во мојот претходен мандат, посочува, чесно и посветено работев за Македонците и за сите граѓани на Округот Корча и верувам дека единствениот начин да се избориме за подобри услови за живот, за интеграција на македонската заедница во институциите на системот, е преку активна политичка борба.

„Само преку институциите можеме да издејствуваме промени и да ги подобриме условите за живот и работа. Ја барам вашата поддршка – за повторно од говорницата на Собранието на Република Албанија да ги иницирам сите прашања што нè засегаат како Македонци на целата територија на Република Албанија – во Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, Врбник, Тирана, Корча, поголемите градови во Албанија. Поддршка барам од припадниците на сите национални малцинства во округот Корча, да бидам нивниот глас, но и на секој граѓанин кој сака развој и напредок на нашиот регион“, порачува тој.

Ги иформира гласачите дека со новите измени во Изборниот законик, за првпат, ќе може да гласаат директно за неговото име на гласачкото ливче.

„За Преспа, за округот Корча, за Македонците во Албанија! Вашата поддршка е наш заеднички успех! Гласајте за Васил Стерјовски за пратеник, гласајте за вашиот глас во Собранието на Република Албанија“, апелира на крајот од објавата Стерјовски, барајќи го гласот на Македонците во изборната единица Корча.

Стерјовски (43) беше пратеник во претходниот состав на албанскиот парламент. Тој е прв пратеник Македонец кој јавно се декларираше тоа што е – Македонец, а благодарение на негово обраќање за првпат се скушна македонскиот јазик во собраниската сала на Албанија.

Извор: Весник Илинден

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк