Денот на младоста беше еден од најголемите празници во Социјалистичка Федеративна Република Југославија, кој се одбележуваше на 25 мај, а се прославуваше од 1945 до 1988 година.
Овој празник беше поврзан со роденденот на доживотниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито (1892-1980) и првите години се одбележуваше само како негов роденден, а во 1957 година на негова иницијатива е прогласен за Ден на младоста.
Главниот симбол на овој празник беше Штафетата на младоста, која се пренесуваше околу еден и пол месец низ целата територија на некогашна Југославија и на 25 мај му се предаваше на Тито на величествен слет, организиран на Стадионот ЈНА во Белград.
Штафетата на младоста е воведена во 1945 година, на предлог на младината на Крагуевац, како „Титова штафета“. Во носењето на првата Титова штафета учествуваа 12.500 младинци, кои претрчуваа траса долга 9.000 километри, предавајќи му ги на Тито првите девет штафетни палки и Сината книга со 15.000 потписи од младината на Шумадија. Првите штафети му се предадени во Загреб, а во следните години, се до 1956 година, Тито лично ги примал последните носители на штафетата пред Белиот двор во Белград, на што претходел свечен пречек на Плоштадот на Републиката.
Штафетата секоја година тргнуваше од различно место и до друга република, секогаш масовно пречекувана ширум некогашната Југославија.
Се до смртта на Јосип Броз Тито во 1980 година, штафетата му се доделувала лично на Стадионот ЈНА во Белград, со пригодна честитка со желби за добро здравје и долг живот, врачувана од најдобрите младинци и младинки. Штафетата на младоста во 1980 година, која на денот на смртта на Тито на 4 мај се најде токму на патот низ Хрватска, го прекина својот пат и е положена на одарот на претседателот во Собранието на СФРЈ.
Штафетата на младоста продолжи да постои и по смртта на Тито, станувајќи симбол на љубов и почит кон неговото дело.
Во 1987 година последен пат на белградскиот стадион е одржана приредбата по повод Денот на младоста, а на 26 јануари 1988 година Сојузот на социјалистичката младина на Југославија го укина слетот, кој беше многу популарен.
За носители на Штафетата на младоста секогаш беа избирани „примерни младинци“, односно најдобрите ученици и студенти, млади работници, истакнати спортисти, учесници во работни акции и воопшто млади луѓе кои се истакнале со своето образование и труд.
Голем пожар во индустриска зона во Хрварска – Издадено предупредување за граѓаните
Голем пожар избувна синоќа, на 12 декември околу 23 часот, во објект на компанијата CIAK во местото Губашево, во близина на градот Забок во Хрватска. Компанијата се занимава со складирање и третман на опасен отпад, а поради сериозноста на инцидентот беше активиран и системот за итно предупредување на граѓаните.
Во гаснењето на пожарот учествуваа повеќе противпожарни единици, а во еден момент на терен биле ангажирани над 60 пожарникари. CIAK во оваа индустриска зона располага со хали и погон за рециклирање акумулатори, што дополнително ја зголеми загриженоста поради можните последици по животната средина.
Претседателот на Противпожарната заедница, Стјепан Скулибер, за хрватските медиуми изјави дека пожарот бил локализиран околу 2:30 часот по полноќ. Иако не бил целосно изгаснат, тој нагласи дека огнот е ставен под контрола и дека на терен останале седум пожарникари со три возила, додека догасувањето ќе продолжи и во текот на денот.
Поради потенцијалната опасност од загадување, околу 3:30 часот по полноќ жителите на Загорје добија итно предупредување преку системот HR112 ALERT. Во пораката беше наведено граѓаните да ги затворат прозорците и да не се приближуваат до местото на пожарот, а известувањето беше испратено на хрватски, како и на англиски и германски јазик.
Откако пожарот беше ставен под контрола, надлежните служби го насочија вниманието кон мерење на квалитетот на воздухот во поширокото подрачје. Експерти од Наставниот завод за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“ извршија мерења на локацијата, како и во Забок, Орославје и Велико Трговиште.
Резултатите од анализите се очекуваат во текот на денот и ќе бидат официјално соопштени од градоначалничката на Забок, Валентина Ѓурек. Таа изјави дека дел од кровната конструкција на објектот е урната, но дека засега нема прецизни информации за вкупната материјална штета.
Дипломатски скандал: Пакистанскиот премиер по 40 минути чекање му упадна на состанок на Путин
Премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, наиде на дипломатска непријатност за време на меѓународен настан во Ашхабат, откако повеќе од 40 минути чекал на средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Според медиумските извештаи, Шариф по подолгото чекање одлучил неочекувано да влезе во просторијата каде што Путин веќе одржувал состанок со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. По околу пет минути престој, пакистанскиот премиер ја напуштил просторијата.
Настанот привлече големо внимание на социјалните мрежи, откако се појави видео на кое се гледа моментот кога Шариф „упаѓа“ на средбата меѓу рускиот и турскиот претседател во Конгресниот центар во главниот град на Туркменистан.
Руската државна агенција РИА Новости објави дека Путин и Ердоган продолжиле со разговорите во приватна атмосфера, откако делегациите на двете земји ја напуштиле просторијата. Подоцна, пакистанскиот премиер се приклучил на состанокот, со очекување разговорот со Путин да продолжи во друга просторија.
Според истите извештаи, Шариф заедно со својата делегација, меѓу кои и министерот за надворешни работи Ишак Дар, чекал повеќе од 40 минути, пред да одлучи да го прекине состанокот што се одвивал паралелно во друг дел од Конгресниот центар.
Средбата се случила кратко по завршувањето на државната посета на Владимир Путин на Индија, која руските власти ја оценија како многу успешна и во чии рамки биле дополнително зајаснати и зајакнати односите меѓу Москва и Њу Делхи.
Фон дер Лајен ја поздрави одлуката за замрзнување на руските државни средства на неодредено време
Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, денеска ја поздрави одлуката на Советот на ЕУ за продолжување на имобилизацијата на руските суверени средства на неодредено време.
– Испраќаме силен сигнал до Русија дека додека продолжува бруталната агресивна војна, трошоците за Русија ќе растат. Ова е и порака до Украина дека сакаме да го зајакнеме нашиот храбар сосед на бојното поле и на преговарачката маса, напиша Фон Дер Лајен на Х.
Со одлуката, сите 27 земји-членки на ЕУ повеќе не мораат едногласно на секои шест месеци да ги продолжуваат замрзнатите средства, како што беше практикувано од 2022 година по инвазијата на Русија врз Украина. Механизмот за економска вонредна состојба овозможи премин од едногласно на мнозинско гласање, и покрај претходните закани од Унгарија за спротивставување.
Вредноста на замрзнатиот руски државен имот во ЕУ изнесува околу 210 милијарди евра, а целта е дел од овие средства да се стават на располагање на Украина како долгорочен заем за репарации, со цел ограничување на економската штета од војната.