НАТО ќе се брани и од напади во вселената 👽

Лидерите на НАТО ја проширија примената на клаузулата за колективна одговорност, односно на членот 5 од основачкиот договор на НАТО „сите за еден, еден за сите, за членките на Алијансата да бидат спремни да одговорат и на напади во вселената“, изјави денес генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Членот 5 на основачкиот договор на НАТО вели дека напад врз кој било од 30 сојузници ќе се смета за напад врз сите нив.

До сега тоа се применуваше само на традиционалните воени напади на копно, море или во воздух, а од неодамна и во сајберпросторот, пренесува Асошиејтед прес.

Околу Земјата кружат речиси 2.000 сателити, а со повеќе од половина управуваат членки на НАТО, покривајќи речиси сè – од мобилните телефони и банкарските услуги до временските прогнози.

Самитот на НАТО се одржува во Брисел, каде ќе бидат утврдени приоритетите на Северноатлантската алијанса за следните 10 години. Ова е прв Самит на кој Северна Македонија учествува како полноправна членка.