Во Скопје каменуван и ограбен српски автобус, туристите вознемирени не знаат дали ќе продолжат со турата

Автобус на српски туристички авто превозник утрово бил каменуван сред Скопје, дознава „Блиц“. Како што им раскажал менаџерот на компанијата, во автобусот се превезувале руски граѓани кои правеле тура во земјите од регионот – Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија. По пристигнувањето во Скопје, автобусот бил паркиран во центарот на градот, а туристите и возачот отишле да преспијат. Инцидентот се случил утрово во 7 часот, ги вознемирил туристите и го загрозил продолжувањето на патувањето, додал тој.

Засега непознати сторители го оштетиле возилото и со цигли ги искршиле стаклата. Потоа провалиле во автобусот и ги украле личните работи на патниците и возачите кои биле оставени во возилото.

Веднаш по пријавата, полицијата и екипа за форензика излегоа на терен и спроведоа истрага.