Во ГОБ „8 Септември“ нема веќе заразени, си замина и последната пациентка 👏

Во петокот од „8 Септември“ си замина последната пациентка, која таму се лекуваше од компликации на новата болест. Во изминатава година и три месеци во овој центар беа лекувани 3.250 пациенти заразени со болеста, поради што беше стопирано лекувањето на пациенти од други болести, објави „Фактор“.

Директорот на болницата д-р Христијан Костов изјави дека се надева оти ова ќе биде крај на една лоша епизода со која се соочи целото човештво.

„Во еден период имавме и 180 хоспитализирани пациенти. Освен пациенти со тешки компликации од болеста ништо друго практично и да не лекувавме. Не се правеа операции, амбулантите за сите останати патологии не работеа, месеци и месеци во ГОБ „8 Септември“ не влегуваа други пациенти. Секој кат од болницата беше резервиран само за болните од оваа нова болест, секојдневно се бараше болнички кревет повеќе. Молби доаѓаа од сите страни, и тука беа носени пациенти со најтешка клиничка слика“, изјави Костов за порталот Фактор.