Охрид ги дочекува туристите со чад и смрдеа: Гори депонијата Буково

Граѓани и посетите на Охрид реагираат на неподносливата смрдеа и чад во одредени делови на градот и околината, најчесто навечер па до раните утрински часови, велат од граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ од каде соопштуваат дека иако веднаш реагирале до соодветните инспекциски служби, но досега одговор не е добиен.

Во меѓувреме, перманентно гори депонијата Буково, проблем кој се повторува и се толерира долг низ години.

УНЕСКО уште во 2017 година бараше до декември 2020 депонијата во Буково да е затворена и санирана. Тоа не беше сторено, делумно поради немање локација за регионална депонија. Во најновиот извештај на Реактивната Мониторинг Мисија, во рамките на втората препорака надлежните имаат рок од три (3) години да се затворат нерегуларните депонии во Буково, Мауцкер и Струга како и сите други нелегални помали и поголеми депонии во Охридскиот Регион и да се рехабилитираат погодените области, стои во објавата на „Охрид SOS“.

Депонијата во Буково е со висок ризик за животната средина. Но тоа како да не ги загрижува нималку институциите, ниту локалната самоуправа нити Министерство за животна средина, велат еко-активистите.

„Како и за сè друго, се замижува и за ова. За одржување на депонијата е задолжена фирмата Нефи ИК, чиј сопственик беше советник во Општина Охрид, познат по своите дивоградби. Според информациите кои ги сподели O2 Иницијатива, начелно, во среда треба да започне затрупувањето со земја на делот што гори, со план да се заврши до петок. Но пред две години, затрупувањето траеше со недели и цело лето чадот труеше. Иронично, во екот на сето ова, владејачката партија промовира некаков настан – Најдоброто за нашата општина. Типично, како и за сè друго, крајно игнорантски, си тераат некоја сопствена агенда, со суперлативи, иако на терен работите се поинакви. Немаме ова, немаме она, ни треба тоа, вртење во круг додека депониите се шират. Едната е на влезот во градот, и наместо да биде затворена, таа се шири. Дали е ова најдоброто за нашата општина? Проблемите не се решаваат со држење говори. Мандатот ви е доделен да делувате на дело! “ – децидни се од ова граѓанско здружение.