На Иванден цвеќето има волшебна моќ, закачете венче пред влезната врата 💐

Денеска се празнува Свети Јован- летен, повеќе познат како Иванден, денот на раѓањето на Свети Јован Крстител.

Во очи празникот жените плетат венчиња од цвеќе и навечер ги ставаат пред влезната врата. Ако венец од иванското цвеќе осамне на празникот пред куќата, се верува дека семејството ќе го заштити од сите тешкотии.

Свети Јован, кого утре го празнуваме, познат бил како тревар, бидејќи живеел скромно и се хранел со она што се наоѓа во природата. Овој голем празник познат е по иванското цвеќе од кое се плетат венчињата. Верувањето вели дека воочи Иванден треба да се набере јовановата трева и во неа да се вплете ајдучка трева, мајчина душица, вртика и лук, а сето тоа да се врзе со црвен конец. Наместо црвен конец некои вплетуваат црвено цвеќе, од кое се е поубаво.

Венчето се закачува вечерта пред Иванден за да ве чува од се лошо.

Се верува дела и водата на има волшебна моќ, па многумина се бањаат во реки и езера.

За Иванден велат дека е празник на девојките бидејќи младите жени палат ивански огнови, берат цвеќе и трева, пеат и плетат венци, а се разидуваат во самата зора.

Се верува дека жените кои не можат да родат треба да се провлечат низ венец од јованова трева, а потоа да се избањаат во река, како од себе би си го измила урокот.

Според светото предание св. Јован и Исус Христос биле блиски роднини зашто мајката на Јована, Елисавета ѝ била братучеда (според други сестра) на Ана, мајката на Марија, односно тетка на Марија, мајката на Исуса. Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди Спасителот Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време живеел еден чесен и побожен свештеник Захариј со својата жена Елисавета. Тие веќе беа остареле , а немале деца што во тоа време се сметало за голема несреќа и за божја казна за некој голем грев. И двајцата постојано и искрено го молеле Господа да им даде рожба, а Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш кога Захариј во храмот се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син кој ќе се вика Јован. Бидејќи не поверувал, за казна веднаш онемел. Кога му се родил синот според обичајот требало да го носи името на таткото, но кога Захариј го запрашале за името тој бидејќи го изгубил говорот зел штица и на неа напишал: „Нека се вика Јован“. Кога го напишал тоа говорот пак му се вратил и тој раскажал дека детето ќе биде пророк што ќе оди пред Спасителот и ќе му го подготвува патот.

Во младоста Јован го сакал животот во пустината. Живеел во некоја пустина во долниот тек на реката Јордан, се облекувал со ткаенини од влакна од камила, а се хранел со скакулци и мед од диви пчели и со корења од билки. Кога наполнил 30 години по Божја волја ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покајат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот.
Јован отворено зборувал против сите неправди, мани и негативности кај луѓето. Грешниците ги повикувал да се покајат и поправат за да им стане достапно царството небесно. Многумина помислиле дека тој е ветениот Спасител на што Јован одговарал: „Јас не сум Христос. Тој е посилен од мене, јас не сум достоен ниту врвците на обувките да му ги одврзам. Јас ве крштевам со вода, а тој ќе ве крсти со Светиот Дух. Мене Господ ме испрати да одам пред него и да му го подготвувам патот“.

Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло Сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.

Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се бери папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.
Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, коешто го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. Е. Спространов запишал дека во Охрид на Иванден ги ваделе „рутишчата“, ги распостилале по прозорците за да ги види сонцето и ги оставале да ветрејат. И во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека тој ден во Воден, треви лековити „висеет на дуќаните за да имает повеќе покупници“. За вакво вадење од ковчезите на најубавите облеки пишува и Кузман Шапкарев кој напоменува дека надвор ги чуваат до заоѓањето на сонцето за да не ги јадат молци.

Во Разлошко празникот се викал Ињовден. Спроти празникот се правел венец од бело и жолто ињовче (бела и жолта ајдучка трева), а на самиот празник, откако стоката ќе се вратела од паша венецот се ставал на роговите од кравата, која потоа се молзела. По тој обред се верувало дека кравата ќе има млеко во текот на целото лето. По молзењето венецот се симнувал од роговите на кравата и се закачувал на чардакот каде што останувал до следниот Ињовден.

Со празникот Иванден е поврзан и обичајот Тајане, што се изведувал во повеќе краишта на Македонија, но најдолго се задржал во Прилепско, Битолско и Крушовско. Имено вечерта спроти Иванден момчиња и девојки собирале билки со кои закитувале едно ѓумче и го полнеле со вода од три чешми. Едно од нив на возраст од 10-12 години го носело ѓумчето на глава и него го викале „Тајане“, а другите момчиња и момичиња оделе околу него и му пееле пригодни песни. Утрото групата со Тајането одела по дуќаните, каде што, исто така, пееле песни и собирале подароци, од кои потоа правеле заедничка вечера. Притоа се пеело:

Тајане, Бојане, имам брат Свети Јоване,
ункеши, ункеши, ункеши по маглата.
По магла, по магла, по магла ситна роса,
по роса, по роса, по роса мома боса.
Играле момите крај манастирот,
калуѓер гледа од пенџериња,
фрли си шапка на герамиди,
од герамиди на трендафилот,
белата брада на берберница
црната брада на касапница.

Кус опис на овој обичај пред околу еден век направил М. Цепенков кој сведочи дека во Битола спроти Иванден „ќе нанижат еден ѓум со секакви цвеќиња и ќе му клаат тел од невестата што гувеела. Ќе го покријат со еден превес и ќе му го клаат на некое дете на глаа, да го носит. После ќе се ватат девојчињата рака за рака, секое спроти бојот, та ќе одат од чешма на чешма пеејќи една влашка песна вака: Тајани, ѓанизмата кокʼ за, ќи кʼ за“ и др. Утрото ќе шетаат по куќите и ќе пеат та ќе му даваат кај пари, кај брашно, кај масло и др. Од собраното зајре ќе направат и сите ќе ручаат, а парите ќе си и делат или ќе и купат нешто емиш за јадење. Во Крушоо клаваат во ѓумо прстење и кој ќа биди пообелен таа мома побрго ќе се мажи“.
Според еден запис на Ѓорѓи Киселинов во минатото во преспанскиот крај Иванден бил празник на момите. Тие еден месец порано се подготвувале за празнување. Се собирале во некоја куќа во маалата и со песни и веселби ја подготвувале куклата наречена Иванка. Преку дента момите во полето собирале иванско цвеќе и лајкучка (боливач), а други по куќите собирале пари, потоа брашно, циронки (сушени риби), суво месо и плодови. Секоја домаќинка, особено таму каде што имало девојки, со задоволство давала зашто потоа се правел и печел кравај од кој девојките што ќе каснеле побрго ќе се омажеле. По собирањето на даровите едни работеле, а други ја правеле „Иванка“.

Иванка, куклата што игра важна улога во иванденските празнувања е голема кукла со женски лик, но без нозе. Се земал голем бакарен ѓум, во него се турала вода, а потоа се фрлале и цветови, од разни билки. Потоа секоја девојка во ѓумот ставала свои украси како прстени, гривни, гердани, обетки итн. Потоа се земало една стомна со големина колку човечка глава, се завиткувала со бела шамија и со грлото се ставала во грлото на ѓумот, при што се врзувала цврсто да не паѓа и да не се мрда. На главата на куклата ставаале коса исплетена во плетенки што ја заврзувале со шамија со темна боја. Со јаглен ѝ ги цртале очите, носот и веѓите, а со црвена боја устите и образите. Со уште поцрвена боја ѝ ги цртале ушите и брадата. Потоа околу ѓумот врзувале снопчиња боливач за да изгледа телото пополно. Притоа внимавале да стават толку цветови колку што собира фустанот за да можат да ја облечат и да ја закопчаат.

Облеката на Иванка се состоела од една долга бела риза и фустан на момиче од 5-6 години. Ракавите на кошулата се полнеле со боливач и потоа се облекувале на куклата, над неа се облекувал фустанот и во ракавите ги вовлекуваат ракавите на кошулата. Ја опашувале со свилен појас, главата ѝ ја украсувале со цвеќиња и со украси, околу вратот ѝ ставале гердан, на градите сребрен крст, а на уште убетки. Момите се натпреваруваат која побргу на Иванка ќе го стави својот украс зашто веруваат дека така побргу ќе се омажат. Подготвувајќи ја куклата момите пееле повеќе песни, но најчесто се пее песната „Иванко, Иван девојко“. По стемнувањето Иванка ја ставале на главата на некое момиче и тргнувале по улиците на градот или селото, пеејќи разни песни и веселејќи се. Момчиња оделе во близина на куклата и ја чувале од друга група којашто сакала да им ја растури. Сето население излегувало да ја гледа куклата да ги слуша песните. Куклата облечена како невеста ја носеле на чешмата, таму ја попрскувале со вода и ги полнеле двете стомни што ги носела една од момите. Потоа се враќале во куќата на вечера, а по вечерата цела ноќ шетале по улиците и пееле.

Следниот ден по Иванден ја растурале куклата, секоја мома си го земала својот украс, дел од облеката од куклата, по малку вода од ѓумот во чаша, и по еден или два страка иванско цвеќе и лајкучка. Тогаш го сечеле кравајчето и раздавале касаи кои момите заедно со водата и цвеќето си го носеле дома. Момите што собирале брашно сега разнесувале од кравајчето во секоја куќа од каде што земале брашно за да каснат домашните за здравје, а момите за скорешна свадба.Содржината продолжува после огласот

Пробајте го ова и псоријазата ќе исчезне за 24 часаSponosored by MonadPlug

На Иванден, рано наутро мажите, жените и децата оделе во лозјата и береле растение наречено „наваличе“ кое го ставале на дуќаните за да навалуваат муштериите. Обичајот „Тајане“ бил познат во Битола, Крушево, Прилеп и други места, со тоа што во Прилеп го изведувале само девојчиња.
Во Мала Преспа според сведоштвото на Стерјо Спасе на Иванден се пеела песната:
Ивано, Иван девојко,
качи се горе на Иван,
на Иванови врвови,
да видиш поле втасано,
фтасано и обелено!
Да видиш пченица класана,
да видиш снопје врзани.
Ивано, Иван девојко,
што си вечера зготвила?
‒ Погача, пресна ржена,
циронќи со штир варени.
Во Струга било обичај на Иванден да се касне јаболко за здравје. Поради тоа уште од есента се чувале јаболка во слама или во ковчези. Тие што не зачувале јаболко многу скапо го плаќале, само на тој ден да се касне, ако не да се изеде цело јаболко барем секој член од семејството да изеде по едно „фелче“. Во Струга береле и иваново цвеќе за против молци, а правеле и разни лекарства.
Со Иванден е поврзано и верувањето дека со помош на магиски дејствија може да се украде млеко од стоката, масло или други плодови. Се разбира, според верувањето тоа го правеле жени маѓесници кои со своите магиски дејствија што ги изведувале на овој ден можеле и житото од туѓите ниви да го доведат во своите амбари, или млекото од туѓите овци или крави кај своите. Во Кочанско, спроти празникот маѓесницата се соблекувала гола и гледала да му го пресече патот на некое стадо овци или кози или незабележана да влезе во некое стадо каде што со друга маѓесница три пати ги повторивале зборовите: „Гас и гас, сето масло у нас“. Потоа јавале кросно, а кросното и во други случаи има важно место во изведувањето на разни магиски дејствија. Во некои краишта ако времето околу Иванден е многу сушно правеле додоле и се молеле за дожд.