Од 1-ви септември основците ќе учат дека е нормално да фантазираат за лица од ист пол и дека хомосексуалноста не е болест?

Прирачник стар 8 години, направен од невладината „ХЕРА“ од каде доаѓа министерката за образование Мила Царовска, е водичот за наставниците од кој тие ќе треба да предаваат сексуално образование од септември, дознава Алфа. Темите се мастурбација, хомосексуалност, бисексуалност и многу други за кои нема поширока дискусија во јавноста меѓу експертите и родителите. Напишан е на 200 страници а издаден е во 2014 година.

-Дали хомосексуалноста е болест?

Хомосексуалноста не е болест. Несигурноста или непријатноста за сопствените сексуални чувства може да предизвика анксиозност и стрес, па дури да дојде и до физички проблеми, како, на пример, несоница, гадење и главоболка. Од 1990 година хомосексуалноста не е на листата на ментални нарушувања, стои на страна 179 од прирачникот.

И не само тоа, внатре се одговара на прашања, за што е нормално да размислуваат основците. -Дали е нормално понекогаш во мислите, соништата или фантазиите на хетеросексуалец/ хетеросексуалка да се појавува лице од ист пол и обратно – кај хомосексуалец/хомосексуалка да се појавува лице од спротивен пол?

Да, нормално е да се мечтае за лице од ист или од различен пол и тоа не значи дека некој е дефинитивно хомосексуалец/ хомосексуалка или хетеросексуалец/хетеросексуалка. Кога се има и сексуална и емоционална привлечност кон ист пол, тогаш станува збор за хомосексуалност, а имање само фантазии или сексуален однос со ист пол не значи дека лицето мора да е дефинитивно хомосексуалец/хомосексуалка, се вели на страна 182.

ТВ Алфа побарала одговор зошто ќе се учи од овој прирачник од „ХЕРА“ но без да образложат, топката ја префрлија во Бирото за развој на образованието. Од таму одговор нема.