Контраверзниот документарец за ЦЕЦА ТРГНАТ ОД ЈУТЈУБ

Три дена по емитувањето на документарецот „Српска мајка“, кој го обработува минатото на Цеца, апсењата и врските со српската мафија, каналот „Цеца мјузик“ го пријави видеото на ЈуТјуб за кршење на авторски права.

Документарецот „Српска мајка“ емитуван на српската телевизија N1 го прикажа животниот пат на Светлана Ражнатовиќ Цеца од амбициозно 15-годишно дете од Житораѓе до „Мајка на нацијата“. По емитувањето, истиот беше објавен и на Јутјуб, а три дена подоцна, таа платформа го тргна документарниот филм.

Но, тие не го сторија тоа самоиницијативно. Имено, корисникот „Цеца мјузик“ го пријави телевизискиот канал N1 за повреда на авторските права. Документарецот вклучува делови од нејзината венчавка со воениот злосторник Жељко Ражнатовиќ Аркан и бројни други снимки, така што алгоритмот што го користи Јутјуб навистина утврдил дека документарецот ги крши авторските права.

Пред воопшто да се емитува емисијата, адвокатот на Цеца побара од N1, а потоа и од Аудио видео продукција ЈСП да не го емитуваат, велејќи дека во спротивно „Светлана Ражнатовиќ ќе биде принудена да поведе соодветни судски постапки за да го заштити нејзиниот лик и дело“.

– Ако има нешто вознемирувачко за неа, тоа сигурно нема никаква врска со авторското дело изработено од Сања Лончар, Славиша Лекиќ и јас. Бидејќи, кога реагирате пред да се измонтира и еден кадар од овој документарец, кога реагирате пред да се сними еден соговорник, кога реагирате пред да се напише дури и една буква од сценариото, тогаш е сосема јасно дека не ве вознемирува содржината на документарецот, туку исклучиво содржината на сопствената биографија, изјави авторката на документарниот филм, новинарката Јована Полиќ.

Таа и нејзиниот тим направија серија документарни филмови за важни актери од поновата српска историја, базирана на книгата „Херои на злото време“ од Славиша Лекиќ. Освен за Цеца, снимени се емисии и за актуелниот претседател на српскиот парламент, Ивица Дачиќ, министерот за внатрешни работи, Александар Вулин и министерот за финансии, Синиша Мали.

Цеца ја сними својата прва песна „Цветак зановетак“ на 15-годишна возраст. Подемот на девојчето од малото село Житораѓе од паб-пејачка во естрадна ѕвезда е полн со интересни детали и криминал. Таа се вуби во криминалецот и воен злосторник Жељко Ражнатовиќ Аркан. Нивната венчавка беше пренесувана во живо на ТВ Пинк и ја следеа 150 акредитирани новинари. Неговиот подем се случи во време кога Југославија се распаѓаше во 90-тите години на минатиот век. Емисијата ја поставува тезата дека многу и помогнала и тоа што Аркан и се заканувал на нејзината конкуренција, како и дека тој ја обликувал во ѕвезда.

Се споменува и нејзината подоцнежна љубовна и деловна врска со Милорад Улемек Легија, по што таа се брендираше како национална вдовица на Србија и скромна православна мајка. Тука е и приказната за проневера во врска со фудбалскиот клуб Обилиќ и апсењето на Цеца по атентатот врз премиерот Зоран Џинѓиќ, што на јавноста и ги откри нејзините врски со српската мафија. Интересно, тоа го истражуваше таткото на Јелена Карлеуша, Драган Карлеуша кој е висок и почитуван белградски полицаец.