Честит Курбан Бајрам на сите муслимани – Хуманост, трпение, радост и мир меѓу луѓето

Курбан бајрам — голем исламски празник кој трае 4 дена (10-13 зулхиџет, односно дванаесеттиот месец според арапскиот календар) и се вика таканаречениот празник на жртвата затоа што тогаш се принесува жртва – курбан, обично овни и им се делат на сиромасите.

На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах. Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан која има симболика на приближување кон Бога. Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност за тоа. Оние кои принеле жртва, потоа раздаваат од месото на сиромашните, соседите и роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да се поклонат на Светата Ќаба во Мека.

Муслиманите ширум светот денес го слават најголемиот празник – Бајрам. Бајрам муслиманите го честитаат со зборовите „Бајрам шериф мубарек олсун“ што во превод значи „Нека е благословен благородниот Бајрам“. Одговорот е: Алах рази олсун (Аллах нека биде задоволен од тебе).

„Курбан бајрам е голем празник затоа што содржи многу историски и општествени димензии со извонредно значење за човештвото воопшто, и особено за верниците“, се вели во честитката на поглаварот на ИВЗ.

„Празникот Курбан бајрам е празник на голема радост затоа што со актот на колење курбан, верникот се издига високо покажувајќи вистинска покорност во еден Бог, и негува висок морал, надминува над страста и емоциите. Со курбанот колен за Бога, имаме за цел да надвладееме над нашите страсти“, се вели во честитката.

Поглаварот на ИВЗ исто така истакнува дека празникот Курбан бајрам креира атмосфера на мир и толеранција меѓу луѓето, како празник на зближување меѓу луѓето, грижа за сиромашните и пружање на раката за помирување.