ЗАЕВ за КАНАБИСОТ: Профитабилна дејност годишно ќе ни носи 250 милиони евра и просечна плата од 700 евра

Единствени новини во Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се формирањето на Агенцијата за управување со медицинскиот канабис која треба да го штити делот на инвестициите, државниот аспект и грижата за да не излегува надвор од контрола, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Самата агенција, посочи тој, ќе биде воспоставена за да го штити на крајот на денот и имиџот на државата затоа што сакаме преку ваквиот вид на инвестиции да акумулираме многу нови работни места, но и со дополнително БДП  и тоа многу сериозен, проценките се 250 милиони евра и трето се даваат квалитетни плати, просечно платата таму е 700 евра заради тоа што е профитабилна дејност.

– Втората значајна работа е што 10 проценти од трошоците од вкупните фактури кои ќе ги имаат изработено доаѓаат на посебна сметка во Владата која заедно министерствата за финансии и за здравство ја изработуваат каде дел процент одат на Агенцијата за лекови, дел за Агенцијата за медицински канабис, еден дел одат за ретки болести, едниот дел оди за медиумски фонд, еден дел за култура и образование и еден дел за спортот. Така се поделени. Тоа се сериозни пари од вкупниот обем. Тој дел од 10 проценти се смета трошок на компанијата, значи она го плаќа и на крајот си плаќа 10 проценти данок на добивка како сите. Тие се новините односно затвораме една регулатива, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања по увидот во реновираното крило на Клиниката за ортопедија при Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ)

Посочи дека не се точни тврдењата дека со законот ќе се овозможи извоз на сушен цвет.

– Тој веќе се извезува, значи по табелите кои Министерството ги усвои согласно регулативите од ОН и европските регулативи, тој се извезува веќе, имаме извоз на сушен цвет. Се надевам дека ќе има се поголема сертификација. GMP сертификатот и другите серитификати кои се должни да ги издадат и домашни и европски за пазарите ќе ги зајакне во конкурентоста и пласманот на своите производи. Тоа веќе се случува. Значи новиот закон ќе овозможи само формирањето на агенцијата и новиот фонд од 10 отсто. Секој ден одложување на овој закон значи дека губиме 10 отсто и тоа за квалитетни намени што значат и демократија и поддршка на граѓаните со ретки болести, но и самото основање на агенцијата, додаде Заев.