Апасиев до Џафери: Направите ли шверцерат пратете обезбедување, барате бал ќе добиете маскенбал

Пратеникот и претседател на Левица Димитар Апасиев на денешната собраниска седница реагираше дека спикерот Џафери со кршење на Уставот и Деловникот за работа на собранието одбил да ги прими амандманите на Левица. Тој се обрати по повод носењето Закон за државјанство со „европско знаменце“.

„Во 14:00 часот е закажана Комисија за политички систем, имаме поднесено околу 1800 амандмани. Ги поднесовме грижливо, точно според Деловникот, известени сме дека не се проследени. Се обидете ли да направите ШВЕРЦЕРАТ, пратете таму обезбедување, бидејќи Комисија нема да има. Не може само за великоалбанскиот шовинизам да има право на амандмани во ова Собрание! Сакате војна? – Ќе добиете војна!” – кажа Апасиев.

Амандманите на пратениците на Левица за Законот за лична карта исчезнале при преносот од собраниската архива до Кабинетот на собранискиот спикер Талат Џафери, напиша на Фејсбук првиот човек на Левица, Димитар Апасиев.

– Амандманите на Левица за Законот за лична карта ‘исчезнале‘ при преносот од собраниската архива до Кабинетот на Џафери? Дечки, се врти колцето бе. Утре вие ќе бидете опозиција, а ние власт. Тогаш ќе ви поставиме канти во ходник и сами ќе си ги фрлате. Ич да не се мачиме. Фараоне Џафери, ќе кркнеш уште една кривична пријава за узурпација на уставното право на пратеник да предлага амандмани. Си се зафркнал ако мислиш дека со нас вака можеш да се зафркаваш, напиша Апасиев.

Пратете обезбедување во 14 часот на седницата на собраниската комисија, баравте бал ќе добиете маскенбал, му порача пратеникот Димитар Апасиев од Левица на собранискиот претседател Талат Џафери на пленарната седницата која почна со задоцнување од час и половина.

Ова е Собрание, а не улица и не се заканувај од говорница, му одговори Џафери на Апасиев.