Дамјан на кој МОН одби да му даде наградата стана најмладиот освојувач на сребро во Европа и четврти во светот

Штипјанецот Дамјан Давков на Светската математичка олимпијада ИМО 2021, освои сребрен медал и со тоа стана најмладиот освојувач на сребро во Европа и четврти во светот.

Оваа вест на социјалните мрежи ја објави неговата мајка Никица Давкова.

-По пауза од десет години Македонија има пак сребро. Има и две бронзи и две пофалници. Честитки до водачот на тимот проф. д-р Ристо Атанасов и до заменик водачот проф. д-р Мирко Петрушесвки. Голема благодарност до сите, кои на свој начин учествуваа во подготовките на Дамјан. Благодарност до СММ и Мирко Петрушевски кој организираше олимписки подготовки за македонските натпреварувачи, вели во Фејсбук статусот Давкова.

Таа се заблагодарува и на новиот ментор на Дамјан, и како што вели и до некои наши поранешни натпреварувачи, кои денес живеат и работат во странство, а од кои имаат голема поддршка.

Инаку, младиот математичар се најде во центарот на јавноста на почетокот на годинава, кога освои прво место на државен натпревар по математика, а од МОН не му ја доделија паричната награда, бидејќи и покрај освоеното прво место не му следувала, затоа што бил ученик во основно, а истата им следувала на ученици во средно образование.

Решението дека е одбиен за доделување на парична награда, која изнесуваше околу 10.000 денари, бидејќи не ги исполнувал условите, односно бил помлад од останатите учесници, беше потпишано од министерката за образование Мила Царовска.