ПОРТОКАЛОВА ФАЗА: Продолжуваат мерките за заштита од топлотен бран

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.

Максималната температура ќе биде во интервал од 34 до 42 степени и ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури. УВ индексот ќе изнесува 9.

Во Скопје и околината сончево и многу топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од западен правец. Максималната температура ќе достигне до 39 степени.

Утре ќе се задржи стабилно и многу топло време и ќе дува засилен, повремено силен, јужен ветер. Одново ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури. Во вечерните часови, во текот на ноќта и в петок ќе има зголемување на облачноста и услови за локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а температурата ќе се намали за 3 до 5 степени.

Министерството за здравство вчера соопшти дека денеска и утре целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза, па согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, потребно е да се почитуваат општите мерки за заштита на здравјето.

Мерките опфаќаат ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, вклучувајќи ги бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикуваат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници.

– Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област, потсетуваат од Министерството.