Груби го откажа концертот за прославата за 20 години Рамковен, на што сега ќе се потрошат 400 илјади евра?

Првиот вицепремиер Артан Груби по силните реакции поради најавената прослава за рамковниот договор на која ќе присуствуваат 200-300 гости во затворен простор на два дена пред почетокот на важењето на новите мерки вели дека целиот настан ќе биде организиран по протоколи.

„Централниот настан во Александар Палас на 13 август ќе биде во сала која собира 1500 луѓе, а ќе присуствуваат не повеќе од 200 луѓе кои што ќе носат маски, ќе бидат повеќе од 1.5 метар разделечени, ќе им се мери температура пред влезот, па затоа не ја разбирам оваа масовна хистерија по социјалните мрежи, се надевам дека не се донесува на Охридскиот рамковен договор и на неговата имплементација туку е навистина загриженост. Согласно програмата за одбележување на Охридскиот рамковен договор предвиден беше огромен концерт на плоштадот Мкаедонија вечерта на 13-ти Август но решивме ние како министерство да го одложиме, да не го одржиме“, кажа Груби.

Останати критики во јавноста одат во насока на огромната сума на пари која се планирала за овој настан.

Имено Првиот дел од договорот за организирање на настанот вреден речиси 400 илјади евра го доби фирмата Друштво за продукција, маркетинг, дизајн, промет и услуги Арбериа Десинг Дооел Тетово. Таа во Централниот регистар е заведена како фирма која се занимава претежно со дејноста издавање на книги. Во изминативе пет години оваа фирма најчесто добивала тендери од Министерството за образование, Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, од Биро за развој на образование и од Државниот универзитет од Тетово. Најмалку 15 милиони евра изнесува вредноста на тендерите кои ги добила за печатење на книги, покажуваат податоците од владината дата база „Отворени финансии“.

Вториот дел од набавката го доби фирмата друштво за промет и туризам ЕУРО- Турист Зибер Дооел Тетово. Вредноста на овој дел од договорот изнесува 97 илјади евра и се однесува на авио билети и сместување. Според податоците на бирото за јавни набавки, претходно оваа фирма од државниот буџет за авионски и хотелски услуги инкасирала 65 илјади евра.

Во тендерската документација е наведено дека пристигнувањето на патниците и нивното тргнување не треба да биде среде ноќ и дека во цената влегува економска класа и багаж до 23 килограми.

„Конекциите за одделните дестинации да бидат со колку што е можно помалку време на чекање, со директни врски и без непотребни префрлања и чекања. Пожелно директен лет“, се вели во тендерската документација.

Гостите е предвидено да бидат сместени во хотели во и надвор од Скопје, а хотелот треба да биде со категоризација од 5 ѕвездички и да располага со сала за фитнес и спа центар. Во однос на транспортот гостите ќе се возат во автомобили кои не се постари од 7 години.

Еден од условите на тендерот е фирмата која ќе врши транспорт на гостите да поседува минимум 7 патнички возила од кои минимум една лимузина.


Во бодувањето во јавната набавка за организацијата на 20 годишнината клучен критериум е цената и носи 70 поени, додека вториот критериум кој носи 30 поени е професионално искуство во организирање на настани со целосна логистичка, техничка и креативна подршка во последните 3 години.

Поканети се тристотини гости во период пред да стапат во сила новите рестриктивни мерки за заштита од Ковид 19. За прославата ќе бидат потрошени вкупно половина милион евра.