Тетовци ќе добијат ГРАДСКИ АВТОБУС: Билет ќе чини 20 денари, бесплатно за лицата со попреченост

Градскиот автобуски превоз во Тетово ќе чини 20 денари, а ќе има пет категории на месечни и годишни билети, најави претседателот на Советот на општината, Беким Мемети. За цените и другите параметри на превозот треба да се одлучи на седницата закажана за 28 јануари, откако на 17 јануари општината ги промовираше петте набавени автобуси.

– Билет за едно возење ќе чини 20 денари. Во категорија А, билетот за сите граѓани месечно ќе чини 900 денари, а годишно 9.000 денари. Категорија Б е за студенти (350 месечно/3.500 годишно), категорија Ц е за пензионери и луѓе над 62 години (350/3.500ден.) Категорија Д е за вработени во општина Тетово (450/4.500) и категорија Е лица со над 80 отсто попреченост за кои ќе има бесплатен превоз, пишува Мемети на профилот на „Фејсбук”.

Планирани се три рути за одвивање на јавниот транспорт низ градот. Првата рута е од автобуската станица на улица „Борис Кидрич” до Универзитетот на Југоисточна Европа. Втората рута исто од  „Борис Кидрич”, преку „Иво Лола Рибар”,  и повеќе други улици во северозападниот дел од градот и завршува на почетната станица.

Третата рута ќе почнува од улица „Борис Кидрич”, па преку булевар „Видое Смилевски – Бато”, ќе се минува низ сообраќајните во источниот и јужниот дел од градот.

За набавка на автобусите општината зеде кредит од Светска банка во висина од 1,2 милиони евра. До 90-тите години, во Тетово јавен превоз извршуваше сообраќајното претријатие „Полет” за кое беше започната стечајна постапка.