Д-р Марија Спасовска: Вака изгледа ноќна смена во брза помош во Гостивар

Д-р Марија Спасовска работи во брзата помош во Гостивар. Таа на Фејсбук опиша една типична ситуација од дежурствата изминатиот период.



„Влегува пациент, без маска, видно изнемоштен, кашла. Велам ‘Ве молам ставете маска’. Температура 37.5°C.


Добивам: ‘Ај докторке немој со тие глупости, Швепс пиев многу вчера и јадев сладолед, од тоа ми е. Пиши една инекција да се опраам, утре сум на свадба'”, пишува таа на Фејсбук.


Докторката продолжува да раскажува како уште истата вечер добиваат повик за итна интервенција.

„Стигаш по 15 минути. Те чека, нормално, едно нервозно ‘Кај сте досега, вие брза помош сте или што сте?’ Пациентот со висока температура, ниска сатурација, едвај дише. ‘Нема Корона докторке, од климата му е’. Го подготвувате за транспорт и се молиш дека до Инфективно ќе ти се погодат улици со културни возачи. Се враќаш во амбуланта, додека менуваш заштитна опрема ги слушаш колегите како пак кажуваат некому да стави маска“, пишува Спасовска.