Во кафана или на кафе со сертификат во рака, од утре стапуваат на сила новите рестриктивни мерки

Значително зголемен број на новозаразени со Ковид -19 е регистриран и во вчерашната статистика на Министерството за здравство, од каде најавуваат дека во наредните недели состојбата може да биде критична, но уверуваат дека здравствениот систем е подготвен за новиот бран. Инфективната клиника во Скопје е пополнета со ковид пациенти, а ќе се активираат и останатите такви центри. Во пресрет на утрешното стапување во сила на рестриктивните мерки ресорниот министер Венко Филипче најави дека освен вакцинираните, во угостителските објекти и на настаните на отворено ќе им биде дозволен влез и на лицата кои прележале Ковид-19.

Од утре целосно се забранува работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти (и во кафетерии), вклучително и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип. Од утро исто така се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).

Приложувањето и поседувањето на потврда за извршена имунизација – најмалку прва доза вакцина, се однесува на лица над 18 годишна возраст.

Дополнети мерки за оние кои неодамна прележале Ковид 19

Со дополнувањето на рестриктивните мерки, во угостителските објкети ќе може да влезат и прележани од Ковид -19. -Овие лица доволно е да поседуваат медицинска потврда дека биле заболени од Ковид -19, но само првите 45 дена, сметајќи од денот кога оздравеле. По завршувањето на овие 45 дена, од прележувањето, и за овие граѓани ќе важи дека за влез во објекти треба да приложат серитификат за вакцинација, односно потврда за примена барем прва доза вакцина, изјави Филипче