Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека целосно стои зад неговата одлука за повлекување од Авганистан, бидејќи американските војници не треба да се борат и да гинат во војна во која самите Авганистанци не сакаат да се борат.Синоќешното обраќање до јавноста од Белата куќа е прва изјава на Бајден за преземање на власта од страна на талибанците во Авганистан.
Последен пат тој зборуваше за Авганистан минатиот вторник кога ја бранеше својата одлука за повлекување на војниците од Авганистан и кога изрази уверување дека тамошната војска има сила да се одбрани од талибанците.
Но, наместо уредно повлекување, за што имаше јавна поддршка, целиот процес се претвори во понижувачки американски дебакл, пренесува Хина.
Бајден рече дека цврсто стои зад одлуката за повлекување на американските војници, и покрај тоа што талибанците ја соборија авганистанската влада за само неколку дена и ја презедоа контролата врз земјата.
Тој нагласи дека не сака да ги повтори грешките од минатото и да остане во војна што не е во американски интерес.
– Ако авганистанските сили не сакаат да се бранат, нема шанси дека уште една година или повеќе години од американски ангажмани да направат разлика, оцени Бајден. Тој рече дека американските сили не треба да се борат и да гинат во војна во која самите Авганистанци не сакаат да се борат.
– Авганистанските политички лидери кренаа раце и избегаа од земјата, а војската одби да се бори, рече американскиот претседател.
Тој, сепак, призна дека авганистанската влада падна побрзо отколку што очекуваа Американците. Бајден, исто така, откри дека авганистанскиот претседател Ашраф Гани одбил да учествува во обидот да се најде дипломатско решение.
Бајден додаде дека сцените од Кабул, каде владее хаос на аеродромот, предизвикуваат „грчеви во стомакот“.
Во наредните денови, американската војска ќе евакуира илјадници американски државјани од Авганистан, рече Бајден, најавувајќи дека САД ќе продолжат да го поддржуваат безбедното излегување на сите свои сојузници.
Тој им вети на талибанците брз и жесток одговор доколку ги нападнат „нашите луѓе“.
Сепак, мнозинството Американци (69,3%) не ги одобруваат постапките на претседателот Џо Бајден во Авганистан, покажува анкетата на истражувачката фирма Трафалгар груп. Речиси 89 отсто од републиканските испитаници не ја одобруваат политиката на Бајден во Авганистан, но не се согласуваат ни 48 проценти од демократските поддржувачи. Само 23,1 проценти од испитаниците се задоволни од политиката на Бајден кон Кабул.
Анкетата беше спроведена преку Интернет на 14 и 15 август 2021 година и вклучи 1.084 испитаници, со статистичка грешка од 2,98 отсто.
Милиони луѓе ќе заминат
Голем бран бегалци од Авганистан наскоро ќе стигнат до границите на балканските земји во транзитирањето кон европските. Не станува збор за економски, туку за политички и хуманитарни бегалци кои масовно ја напуштаат земјата по воздушен и копнен пат, откако таа е под контрола на талибанците.
Mакедонските власти веќе работат на координација и утврдување детали за привременото прифаќање граѓани од Авганистан. Станува збор за околу 190 лица: шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеле на одржувањето на мирот во Авганистан.
Но, многу поголема ќе биде бројката на оние кои по копнен пат ќе тргнат кон Европа. Во разговор за бугарски медиуми на ова укажува авганистанскиот амбасадор во Софија, Мохамад Саифи, пренесува Дојче Веле.
САД ја претставија новата стратегија за национална безбедност: Предупредувања за иднината на Европа и блокадата на мирот во Украина
Соединетите Американски Држави (САД) објавија нова и контроверзна Стратегија која сигнализира драматична промена во односот кон Европа, пренесува „Фајненшл тајмс“. Документот, кој повикува на јакнење на актуелните политики на Европската Унија (ЕУ), предизвика сериозна нервоза кај европските лидери, оценувајќи дека Европа се наоѓа на пат кон „цивилизациско исчезнување“ поради високите стапки на миграција и нискиот наталитет.
Стратегијата, која е на 33 страници, ги обвинува европските влади за поткопување на демократијата и ги прозива европските челници за „блокирање на американските напори“ за ставање крај на војната во Украина. Документот тврди дека европските лидери го игнорираат „големото европско мнозинство кое сака мир“.
Во однос на конфликтот, Стратегијата нагласува дека „брз прекин на непријателствата е клучен, со цел да се стабилизираат европските економии, да се спречи ескалација и ширење на војната и повторно да се воспостави стратешка стабилност со Русија“.
Објавувањето на Стратегијата се совпаѓа со напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да го протурка мировниот договор за Украина, иако Киев и европските престолнини стравуваат дека ваков потег оди во прилог на Москва и рускиот претседател Владимир Путин.
„Фајненшл тајмс“ истакнува дека документот предизвикал голема загриженост поради стравувањата дека Вашингтон е подготвен да го принуди Киев да направи отстапки кои ги надминуваат досегашните „црвени линии“.
Стратегијата ја потврдува радикалната промена на американската надворешна политика под водство на Трамп, ставајќи ја доминацијата на САД над западната хемисфера како главна цел – ажурирана верзија на доктрината на Монро.
„Деновите во кои САД го носеа целиот светски поредок како Атлас се завршени“, стои во документот, нагласувајќи го продлабочениот идеолошки јаз меѓу Вашингтон и традиционалните европски сојузници.
Европа е опишана како континент каде „економскиот пад го засенува уште посериозна закана – цивилизациско исчезнување“.
Новата американска политика отворено ја предизвикува ЕУ со „култивирање на отпорот на сегашната европска траекторија во рамки на европските нации“.
Документот ја поздравува засилената улога на евроскептичните крајнодесничарски партии, чие доаѓање на власт во европските земји би можело да ја доведе во прашање иднината на Унијата.
„Американската дипломатија треба да брани вистинска демократија, слобода на изразување и несрамежливо славење на националните идентитети“, се наведува во стратегијата, „Соединетите Американски држави ги охрабруваат своите политички сојузници во Европа да поддржат таква преродба на духот, а растот на влијание на татковинските европски партии дава причина за оптимизам“, заклучува документот.
Коалицијата ПП–ДБ поднесе иницијатива за изгласување недоверба на владата предводена од премиерот Жељазков
Коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ (ПП–ДБ) поднесе барање за гласање недоверба на Владата на премиерот Росен Жељазков, повикувајќи се на неуспеси во економската политика. Ова е шесто гласање за недоверба насочено кон актуелниот кабинет и доаѓа по серијата масовни протести низ Бугарија. Иницијативата беше регистрирана во Народното собрание со поддршка од „Алијансата за права и слободи“ (ДПС) и МЕХ (БСП за Бугарија).
Претседателот на ПП–ДБ, Асен Василев, на брифинг во Парламентот изјави: „Очигледно, Владата не ги слушна масовните протести и не поднесе оставка. Денеска, како што ветивме, поднесовме гласање за недоверба на Владата“.
Василев истакна дека ова гласање за недоверба е прво што се одвива со активно учество на најмладата генерација во земјата. „Иднината им припаѓа ним и ние сме должни да ја обезбедиме“, рече Василев, цитиран од БТА. Тој исто така најави дека доколку Владата не поднесе оставка, ќе организираат „уште поголем протест“ од оној на 1 декември, кој ќе се совпадне со денот на расправа за гласањето, најверојатно вторник или среда, повикувајќи ги сите граѓани да се приклучат.
Пратеникот Божидар Божанов од ПП–ДБ изрази очекување за брзи предвремени избори со поголема излезност, со цел купените гласови да бидат „удавени“, а политичкиот противник Делјан Пеевски да остане „изборно џуџе“. Тој нагласи дека следните избори мора да бидат масовни и фер, а Делјан Пеевски мора да биде изолиран од политичкиот систем.
Ивајло Мирчев апелираше до Пеевски да престане да ја користи „етничката карта“ и да не ги злоупотребува бугарските Роми и Турци како „човечки штит“. Мирчев тврди дека Пеевски во сабота ги собира регионалните координатори за да им даде квоти за организирање на контрапротест следната недела.
Во врска со поднесеното гласање за недоверба, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, изјави дека секоја партија има право да го побара тоа и дека треба да се разгледаат мотивите.
Премиерот Росен Жељазков, претходно во текот на денот во Парламентот, категорично изјави дека Владата нема да поднесе оставка. Тој го оправда ова со фактот што Владата е посветена на управувањето, а економијата на земјата бележи брз раст.
CEFTA Week 2025 заврши во Приштина: Тргуваме заедно, кон Европа
CEFTA Week 2025 заврши во Приштина по три дена исполнети со високопрофилни дискусии, експертски панели и визионерски разговори. Министри, високи претставници, претставници на Европската комисија, приватниот сектор, регионални организации, партнери и студенти се собраа под годинешната тема: „Тргуваме заедно, кон Европа“.
Настанот уште еднаш ја потврди централната улога на CEFTA во унапредувањето на економската интеграција, конкурентноста и дигитализацијата, зацврстувајќи го патот кон понатамошно усогласување со Единствениот пазар на ЕУ. Годинешното издание се истакна со својата амбициозна визија и конкретни резултати, нагласувајќи го континуираното влијание на CEFTA врз растот и поврзаноста во регионот.
CEFTA Week започна со инспиративната сесија „Од визија до акција: Патот на CEFTA кон ЕУ“, на која студенти по економија, право и политички науки имаа можност директно да разговараат со министерката Розета Хајдари за придобивките и идната насока на CEFTA. Разговорот го стави фокусот врз младите и долгорочната стратешка перспектива на регионалната интеграција.
Во рамки на настанот се одржаа и состаноци на телата на CEFTA, вклучително и Комитетот на контакт-точки и Заедничкиот комитет, кои уште еднаш ја потврдија решителноста и заедничкиот ангажман за напредок. Страните на CEFTA ги разгледаа постигнати резултати, усвоија нови одлуки поврзани со признавање на програмата за Овластени економски оператори, дигитална соработка и стратегија за управување со ризици, како и ги дефинираа приоритетите за Претседавањето во 2026 – насочени кон постепена интеграција, развој на дигитални алатки и олеснети трговски процеси.
Во своето обраќање, Розета Хајдари, министерка за индустрија, претприемништво и трговија и претседавач со CEFTA за 2025, го истакна активното учество на страните на CEFTA:
„Сакам да им се заблагодарам на сите страни на CEFTA за нивниот придонес и активна улога во спроведувањето на Годишната работна програма за 2025“, рече Хајдари, изразувајќи благодарност и до Европската комисија и меѓународните партнери. „Вашето присуство ја потврдува довербата во работата на CEFTA и вербата во потенцијалот што го отвора оваа соработка.“
Таа ја нагласи и важноста на CEFTA: „Како платформа што им овозможува на сите страни да се усогласуваат со ЕУ-стандардите преку подобрување на регулаторната рамка и градење капацитети за да се искористат придобивките од оваа трансформативна можност.“
Пранвера Кастрати, директорка на CEFTA Секретаријатот, го истакна практичниот придонес на CEFTA во модернизацијата на трговијата:
„CEFTA Week не е рутинска рефлексија – тоа е реална проценка на постигнувањата и предизвиците пред нас. Тука сме за да поставиме јасни цели за процесот што следува, со цел подлабока интеграција и поголеми можности во CEFTA,“ рече Кастрати. „Нашата заедничка амбиција е јасна: Тргуваме заедно, кон Европа.“
Високи претставници на Европската комисија, меѓународни организации и партнери – меѓу кои Валентина Суперти, директорка во Генералниот директорат за проширување и источна соседност; Амер Капетановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка; и Матеј Закоњшек, директор на Транспортната заедница – ги истакнаа перспективите за соработка и растечкото значење на CEFTA за стабилност, инвестиции и усогласување со ЕУ.
Панелот „CEFTA во променлив свет – Каква иднина за трговската соработка?“ се фокусираше на тоа како CEFTA може да продолжи да ја интегрира иновацијата, конкурентноста и европските стандарди додека ги навигира глобалните економски предизвици.
Делина Ибраимај, идната Претседавачка со CEFTA и министерка за економија и иновации, посочи дека инвестициите во технологија, креирање политики базирани на докази и развојот на вештини се клучни за функционална постепена интеграција со ЕУ пазарот. Таа ги претстави и приоритетите на Претседавањето за 2026 година.
Зоран Димитровски, заменик министер за надворешни работи и надворешна трговија, и Ивона Савиќевиќ, директорка во Министерството за економски развој, повторно ја нагласија стратешката улога на CEFTA во забрзување на трговската интеграција преку дигитализација, комуникација на резултатите пред поширока публика, отстранување бариери и испорака на практични придобивки за бизнисите и граѓаните.
Симболичното примопредавање на Претседавањето од 2025 на 2026 година ја зацврсти континуираната посветеност на CEFTA Страните кон заедничка работа, унапредување на Агендата за заеднички регионален пазар и забрзување на реформите со цел отворање придобивки од постепената интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.
Преку учество на видни претставници од академијата, приватниот сектор, CEFTA институциите и меѓународните организации, CEFTA Week 2025 даде конкретни идеи и насоки за:
Постепена и функционална интеграција со ЕУ,
Вештачка интелигенција како двигател на трансформација,
Олеснета трговија преку дигитални алатки како SEED+,
Поддршка на реформите преку партнерства и заеднички напори.
Со силна партиципација и јасна обединета порака, CEFTA Week 2025 ја зацврсти CEFTA како темел на регионалната соработка и двигател на економски раст. Резултатите и зајакнатите партнерства постигнати во Приштина ја поставуваат сигурната основа за следната фаза на CEFTA интеграцијата.
Со затворањето на настанот, одекна една јасна порака: CEFTA Страните остануваат решени да продолжат – заедно и кон Европа.