Connect with us

Инфо +

Д-р Ефкоски удри по антиваксерите: Ние будали сме, сакаме да ве убиеме? Што сме ние, платеници?



Не можам да разберам истовремена одлука да не се вакцинирам, заедно со барањето да не се воведат ограничувањата наметнати од пандемијата. Вие као тие јаките сте? Имунитет имате? Многу се пазите?

Истово важи и за вакцинираните. Мислите сега сте безбедни од сите микроорганизми?? Мислите сте имуни на сите следни мутанти?? Што ви е бе? Маската на вас и мијте раце. Не е само САРС-КоВ-2, стомачни вируси ве потепаа.

Не можам а да не се чудам на муабет кога мој пациент ми вели дека немало да се вакцинира бидејќи “едноставно не сакал, не верувал во вакцините”. Каков муабет е ова? Деца не сте, одамна. Што доаѓаш на доктор ако не веруваш во медицина? Ние будали сме, сакаме да ве убиеме? Што сме ние, платеници? Ај бе сиктер.

Не можам да верувам дека ПАЗИ ОВА – зетот и невестата дошле да примат инфузии да се освежат пред свадба, испиле парацетамол од дома непријавиле на доктор дека воопшто имаат температура, свадба цела си истерале со сите салтанати.Направиле дома брзи тестови, позитивни цела фамилија, ама не биле точни тие од аптека сами ги купиле и ниеден не проверил ПЦР.

Да не биде ова доволно, братот со фамилијата дел од позитивните, после свадба веднаш заминале на одмор во хотел Албанија. Немаше ништо да дознаеме, зетот да не заврши на инфективно одделение со пневмонија. Сега се чекаат следните за хоспитализација, веќе доста се позитивни од таа свадба.

Иако многу вакви поединци не се сметаат себеси за антиваксери, нивната неактивност е одлука да не се заштитат себеси или своите семејства, но и останатите во заедницата, државата, пошироко. Преку неактивност ќе дозволат пак да се исполнат болнички кревети, да дозволат да просперираат нови варијанти, како и директно да ги загрозат здравствените работници, хронично болните или имуносупресирани луѓе околу нив.

Поради вашата неактивност, вработените во здравството пак да го преживуваме хоророт?

Не е фер, ама ич не е фер.

Особено што вакцините се безбедни! Ова ви е гарантирано од сите! Само мал процент не смее да ги прими. И да, вакцините можеби нема да ги спасат сите луѓе на планетата од Ковид-19, но ќе спасат многу. Секако ќе намалат потреба од медицинска грижа и нега на болни лица по болниците. Можеби не се “ФФП3”, но секако се “трослојна маска”. И таа намалува ризик во одредени ситуации.

Неактивноста на луѓето е одлука да се дозволи оваа пандемија да продолжи да беснее. Во секоја смисла пандемиска неактивност, од лична хигиена до вакцинација. Трагедија е кога истите потоа ми плачат. Терајте де, нели сте попаметни, повеќе разбирате како да се заштитиме и колку е опасно.

Не знам колку пати повторивме. Лек за лекување Ковид немаме, а вакцините се примаат навреме!

Не, тие можеби нема да спречат да си позитивен, ама па без нив многу ти се поголеми шансите да си позитивен на тест!

Во комбинација со соодветна маска, вакцинираните сте во безбедна позиција и во ризичен затворен простор.

Ако се чудите зошто вака пишувам, прочитајте го текстот уште еднаш, два пати, шест ако треба. Ако и после тоа се чудите, јавете се да ви објаснам директно.

Одете бре вакцинирајте се сите кои можете!! Трудници и останатите ризични категории побрзо!!

И сега, ако јас вака мислам, знаете ли како мислат оние кои до вчера гледаа трагедии додека вие го ладевте.. пивото.. Колку ли мислите ќе падне мотивацијата да се борат здравствените работници за вас.

Полека но сигурно се губи емпатијата кон игнорантите и манипулантите.

Вакцините не се лек за пандемијата, но тие сепак се дополнителна заштитна алатка!

Зошто барате појаси, воздушни перници, силна каросерија, браник, АБС, ЕБС и секакви други заштити, кога имате кочници во кола? Повеќе слојна заштита!!! Само таа може да ви гарантира понизок ризик од Ковид-19!!

Фејсбук-статус на Илчо Ефкоски

Advertisement

Балкан

Евростат: Албанија предводи во намалувањето на населението на Западен Балкан

Според најновите податоци на Евростат за населението на земјите-кандидатки за членство во ЕУ, Албанија бележи најголемо намалување на бројот на жители во регионот. Во 2025 година, официјалното население на земјата изнесувало 2.363.314, што претставува намалување од околу 27.628 лица во една година, или 1,2 проценти – речиси два до три пати повеќе од другите земји на Западен Балкан.

За споредба, намалувањето на населението во Македонија изнесува 0,2%, во Босна и Херцеговина 0,3%, во Србија 0,6%, а во Црна Гора 0,1%. Во просек, во другите четири земји-кандидатки населението се намалува за околу 0,3%, додека во Албанија ова намалување е речиси четирипати поголемо.

Главен фактор за брзото намалување е високата емиграција, особено кај лицата под 30 години, кои заминуваат за подобри плати и услови за работа во земјите од ЕУ. Албанскиот весник Монитор истакнува дека овој тренд се зголемил по либерализацијата на европскиот пазар на труд и потребата за работна сила во земји како Германија.

Паралелно со тоа, Албанија бележи и најниска стапка на наталитет во својата транзициска историја – околу 1,2 деца по жена во репродуктивна возраст, што е меѓу најниските во Европа. Младите парови го одложуваат основањето семејство поради економска несигурност, високи трошоци за одгледување деца и емиграција на дел од партнерите.

Овие податоци укажуваат дека Албанија се соочува со демографска криза која може да има долгорочни економски и социјални последици за земјата.

Continue Reading

Свет

Украина добива 90 милијарди евра – ЕУ: Русија ќе ги плати парите

Лидерите на Европската Унија постигнаа договор за одобрување на бескаматен заем од 90 милијарди евра за Украина, со кој на Киев му се обезбедува финансиска стабилност за наредните две години. Според договорот, кредитот ќе започне да се враќа дури откако Русија ќе исплати репарации за штетите предизвикани од инвазијата.

Одлуката се толкува како јасна политичка и финансиска порака дека трошокот за обновата на Украина на крајот ќе падне врз агресорот, додека Европа презема улога на гарант за функционирањето на украинската држава во услови на војна.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, истакна дека договорот испраќа три јасни пораки: дека Русија не ги остварила своите цели, дека Европа останува цврсто со Украина и дека Москва мора да се врати на преговарачката маса. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека целта е постигнување праведен и траен мир, а средствата се наменети за покривање на најитните буџетски потреби на Киев.

Првичната идеја заемот директно да се финансира од замрзнатите руски средства беше изменета поради резервите на Белгија, каде што се чува најголемиот дел од тие пари. Белгискиот премиер Барт де Вевер изјави дека средствата остануваат замрзнати и дека на крајот ќе бидат искористени за обнова на Украина, нагласувајќи дека никој во ЕУ не сака тие пари повторно да се вратат во Москва.

За да се обезбеди консензус, Словачка, Унгарија и Чешка беа изземени од каква било одговорност поврзана со отплатата на заемот, со што беше избегната можна блокада на одлуката.

Паралелно со европските финансиски чекори, САД интензивираат дипломатски активности. Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Украина побрзо да се движи кон мировен договор, предупредувајќи дека одложувањата носат огромни човечки загуби. Тој изјави дека секој месец гинат илјадници војници и дека постои опасност Русија да ја смени позицијата доколку процесот се развлекува.

Во рамки на таканаречениот ревидиран мировен план, викендов во Мајами се очекува средба меѓу претставници на администрацијата на Трамп и советник на рускиот претседател, по неодамнешните разговори на американските пратеници со украински и европски претставници во Берлин.

Continue Reading

Балкан

Евзони под постојани блокади: Патувањето кон Грција неизвесно поради протестите на земјоделците

Граничниот премин Евзони повторно е затворен за сообраќај во одредени периоди од денот поради продолжените блокади на грчките земјоделци, што создава сериозни проблеми за патниците и транспортните компании. Како и во изминатите денови, така и денеска, во периодот меѓу 18 и 22 часот по грчко време, сообраќајот беше целосно во прекин за влез и излез од Грција кон нашата земја.

На грчката страна на границата веќе 19 дена се стационирани над 300 трактори на земјоделци од областа Пеонија и од градот Јаница. Блокадите се спроведуваат секојдневно, а во последните денови главно во попладневните часови. За време на четиричасовните блокади, сообраќајот е прекинат за сите видови возила – патнички и товарни, со исклучок на итни случаи.

Според грчките медиуми, блокади се најавени и на граничниот премин Ники (Меџитлија), каде што товарните возила нема да можат да сообраќаат во период од 19 до 23 часот по локално време, додека за автомобилите прекинот ќе трае два часа, од 20 до 22 часот. Слични ограничувања има и на граничните премини Промахонас и Ексохи кон Бугарија, како и Кипи кон Турција, каде што блокадите се однесуваат исклучиво на камионскиот сообраќај.

Протестите не се ограничени само на граничните премини. Во централна Грција, кај Лариса, земјоделците планираат повремено затворање на споредни улици, додека автопатот Солун–Атина е затворен веќе 20 дена. Кај Солун, блокадата која досега беше само во правец кон Атина, од денеска ќе се прошири и во спротивниот правец и ќе трае најмалку пет дена.

И покрај пораките од земјоделците дека не сакаат да им создаваат проблеми на граѓаните за време на божиќните празници, тие најавуваат продолжување и заострување на протестите. На последниот состанок, со учество на претставници од над 50 блокади низ цела Грција, одлучено е активностите да продолжат, а уште еднаш е одбиен повикот од грчката Влада за дијалог.

Протестите започнаа на 30 ноември со над 60 блокади низ државата. Земјоделците бараат итна исплата на сите заостанати долгови од државата, гарантирани минимални цени кои ќе ги покриваат трошоците за производство, намалување на производните трошоци, надомест на загубите за 2025 година, како и запирање на масовниот увоз и лажното прикажување на странски производи како домашни. Дополнително, тие бараат двојно зголемување на земјоделските пензии и целосно расчистување на скандалот со европските земјоделски субвенции, со враќање на средствата кај вистинските корисници и утврдување политичка и кривична одговорност.

Иако министерот за земјоделство на Грција, Костас Циарас, најави можност за нови мерки и упати повик за дијалог, земјоделците засега остануваат на ставот дека блокадите ќе продолжат сè додека нивните барања не бидат исполнети.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг