“Тепачка” за вакцини: Турканици и гужви пред пунктовите за вакцинација



Македонските здравствени власти ја прошируваат понудата на можности за имунизација против коронавирусот. Од понеделник ќе може да се закаже и вакцинирање во домашни услови.
Освен на вакциналните пунктови и на теренската вакцинација, од понеделник, според најавата на македонското министерство за здравство, вакцинирање против Ковид-19 , ќе може да се закаже и во домашни услови. Понудата, според министерството, важи за граѓаните кои поради здравствени причини не се во можност да примат вакцина на вакцинален пункт.


Закажувањето е преку директно јавување во здравствените домови, а може да го направат и директно со пријавување на пунктовите за вакцинација. Според министерството, граѓаните може да се јавуваат за вакцинација со домашна посета на телефонски броеви во секој од здравствените домови во државата.



Инаку имунизацијата против коронавирусот во земјата, се одвива со засилено темпо. По завчерашните рекордни 19.274 аплицирани вакцини, вчера ширум земјата се вакцинирале вкупно 17.085 граѓани. Од нив прва доза на вакцината примиле 5.977 а останатите се ревакцинирале. Во државата вкупно се аплицирани 818.295 дози вакцини, а ревакцинирани се 330.320 граѓани. Заклучно со вчерашниот ден вакцинирани со една или две дози од ковид-вакцините се вкупно 487.975 граѓани.