Шилегов: Никој не веруваше дека толку ќе постигнеме за еден мандат во Скопје

Многу проекти во Скопје се донесени до точка од која нема враќање, рече скопскиот градоначалник и кандидат за нов мандат, Петре Шилегов, во вечерашното гостување на телевизијата Канал 5.

Тој вели дека никој во главниот град не верувал дека ќе може да се направат толку проекти за четири години.

„Кога никој не веруваше дека можеме да ја завршиме Пластичарска, ние ја завршивме. Кога никој не веруваше дека може да се пробие ридот кај касарната Илинден, ние го завршивме и имаме булеварско решение со велосипедски патеки. Имаме прв булевар којшто излегува на скопската обиколница, тоа е булеварот АСНОМ…“, рече Шилегов.

„Не знам и не верувам дека мои поддржувачи ќе гласаат за госпоѓата Арсовска, но убеден сум дека токму тоа што го направивме во изминатите четири години, многу, многу членови на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за мене за градоначалник,“ додаде тој, на прашањето дали е можно дел од членовите и симпатизерите на СДСМ на претстојните избори да гласаат за неговата конкурентка, Данела Арсовска, која е кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ.