АУДИО СВЕДОШТВО: Во кумановската модуларна болница ми земаа мито за да го облечат дедо ми кој почина

Откако нејзиниот дедо починал во кумановската модуларна ковид болница, болничарите и побарале мито од 3 илјади денари за да го облечат, а болницата на семејството не му дозволила да одбере со кое погребно претпријатие ќе го испрати во вечното почивалиште покојникот, сведочи за „Слободен печат“ кумановката Валентина Пешиќ. Според Пешиќ, болницата тврдела дека соработува само со едно погребно претпријатие и дека погребот и протоколарниот дел околу изнесувањето на покојникот од болничкиот објект морало да се случи исклучиво преку тоа погребно претпријатие.

Како што дознаваме, за случајот ќе се ангажира и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи облекување на покојник во ковид-центрите не е дозволено.

– Ни кажаа дека треба однапред да им платиме 3 илјади денари за да го облечат дедо ми. Мајка ми праша дали може да даде две илјади денари, бидејќи не носеше во моментот со неа повеќе пари. Ја одбија. Потоа им кажавме дека погребното претпријатие ќе го облече дедо ми. И тоа го одбија. Ни рекоа дека тие ќе викнат погребно претпријатие, дека соработувале само со едно и освен него, никој друг не ги носел починатите од ковид. Се збунивме, но бидејќи бевме во шок, мајка ми даде две илјади денари, а не и дадоа ни потврда дека платила, вели Пешиќ за „Слободен печат“.

Нашата редакција го објавува целосно аудио материјалот од нејзиното сведочење во продолжение. Во него таа низ солзи раскажува дека дедо и починал без вода и храна.

Аудиото на следниов линк: