Тендерската документација ја лоцираше одговорноста за безбедноста за Тетовската болница, власта си ја префрла топката де локално де централно

Министерството за труд и социјална политика заедно со претставници на Светска банка го спроведувале, а локалните власти и директори требало да го контролираат квалитетот и функционалноста на модуларните болници, покажуваат документите до кои дојде Дојче веле.

Документите насловени „План за еколошки и социјален менаџмент“ на модуларните болници, објавени во октомври 2020 година во подробности ги опфаќаат фазите на изградба на модуларните болници, нивното одржување и контрола за секоја од нив поединечно. 

Додека се чекаат резултатите од истрагата која треба да одговори на многу прашања во врска со смртта на 14 пациенти и нивните роднини во тетовскиот ковид-центар на 8 септември годинава, истражувањето на ДВ во документацијата за проектот расчистува некои дилеми во однос на надлежноста и одговорноста за контролата на изградбата, функционалноста и заштитните механизми. 

Директорите – изведувачи и инспектори 

Според овие документи, надлежни за спроведување на проектот во делот на институционалните договори биле тим- лидерот од Светска Банка и лице од проектната канцеларија на Светска Банка при Министерството за труд и социјална политика како проект-менаџер. Во делот на имплементацијата, за тетовската модуларна болница надлежни биле две лица од Министерството за труд во делот на заштитниот надзор. Директорот на тетовската болница Флорин Бесими фигурира како изведувач, во локалниот надзор, како и во делот на локалниот инспекциски надзор. Бесими, кој повеќе од 11 години беше в.д. директор на Тетовската болница, во меѓувреме понуди оставка на функцијата, исто како и економскиот директор на клиниката Артан Етеми- кој не се споменува во документацијата. Никој од засегнатите, кои ги контактираше ДВ, во моментов не смее да коментира ништо во врска со случајот поради тековната истрага. 


Повеќе детали во факсимилот: 

Факсимил од описот на надлежностите за проектот од кој може да се види дека директорот на тетовската болница бил наведен како изведувач, одговорно лице за локалната супервизија и инспекција.

Од тетовската општина тврдат дека тие немале никаква надлежност во врска со модуларната болница за ковид-пациенти. Ја префрлаат одговорноста врз Министерството за здравство.

Од Општина Тетово тврдат дека тие немале надлежност ни за противпожарната заштита во ковид-центарот, ниту пак за водоводот и канализацијата во него. Сето било надлежност на централните власти и на изведувачот. Објаснувањето е дека модуларната болница била објект од прва категорија за која, согласно посебниот закон за нејзина изградба, инспекцискиот надзор требало да го врши „Државен инспекторат врз основа на Член 128 став (2) од Закон за градење”. 

Повеќе – Дојче Веле