Имало и тука ФАШИСТИ ама не биле окупатори – премиерот (не) ја гледа разликата?

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека и во Македонија за време на Втората светска војна имало лица кои биле соработници со фашистите и затоа не треба сега нациите да се врзуваат со фашизмот.

„Во европските земји фашизмот нема етничка боја, нема национална боја. Фашистичкиот окупатор има поставеност во делови на структури, групи, или би го нарекол, одредени лидерства во целиот овој период. Ние имавме соработници на фашизмот и овде во Македонија целиот тој период. Не може да кажете дека цела една нација била фашистичка. Не можете да кажете и за нас дека сме биле сите со партизаните, бидејќи имало и некои кои биле соработници на фашистичкиот окупатор во Втората светска војна“, рече премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање.

Инаку, на прашањето што ќе учат децата, од кого била окупирана Македонија и кој бил фашистички окупатор, Заев кажа дека граѓаните апсолутно ќе знаат кој бил на страна на фашизмот, но повтори дека не треба да се дава етнички предзнак и етничка придавка пред фашистичкиот окупатор.

„Фашистичкиот окупатор е Третот Рајх и пактот создаден од Германија, Италија и Јапонија, на кој се придружија земји меѓу кои и Бугарија. И тука нема дилема дека тој фашистички окупатор ја има окупирано земјава. Но, не можете да ги осудите и децата на тогашните генерации и сите од таа генерација дека биле фашисти“, рече Заев.

Редакциски коментар:
Историски непобитна вистина е дека во Македонија постоеле соработници на окупаторот и отворени симпатизери на фашизмот, меѓутоа тие не окупирале туѓа земја, како што направиле бугарските фашисти. Се разбира дека не може целиот бугарски народ да се стави во фашистичка конотација, напротив и во самата Бугарија постоеле партизани и противници на фашизмот, но не треба да се заборави дека фашизмот бил на власт кај источниот сосед и токму од таа позиција, со војска и полиција влегол на македонска територија да ја окупира и подјарми на сопствените интереси. И тоа нема врска со децата на тогашните генерации, туку со објективната вистина за случувањата во текот на Втората светска војна.