Connect with us

Македонија

ЦРВЕНКОВСКИ: ОВОЈ БАЛОН ЕДЕН ДЕН, ПОРАНО ИЛИ ПОДОЦНА, ЌЕ ПУКНЕ

Веднаш по стекнувањето на независноста во Македонија се постигна широк општествен консензус дека нашата иднина е во НАТО и ЕУ. За жал и покрај исполнeтите услови уште пред 13 години, заради спорот со Грција ниту станавме членка на НАТО, ниту ги отпочнаме преговорите со ЕУ. Ни беше најавено, па дури и гарантирано дека Преспанскиот договор е клучот што ќе ги отвори двете врати. За жал испадна дека не е така. Станавме членка на НАТО, но заради позициите на Бугарија не можеме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ, рече во обраќањето на Научниот собир во МАНУ „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година“ по повод 30 години независност, поранешниот претседател Бранко Црвенковски.

-Во секој случај јас не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен, рече Црвенковски.

Тој се осврна и на уште една тема околу нашето европско интегрирање, кое вели, се смета за наша единствена опција.

-Мантра која постојано ја слушаме од страна на актуелните политичари во нашата земја е: „Полноправното членство во ЕУ е нашата единствена опција за која не постои алтернатива. Не постои и воопшто не размислуваме за план Б.“ Го поставувам прашањето, а што ако не заради нас, не затоа што ние не сакаме или не сме спремни да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги исполнуваме неопходните критериуми, туку затоа што самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување, на пример затоа што ваква каква што е со постојните членки е недоволно функционална и ефикасна, дека евентуално нови членки дополнително ќе го усложнат и онака премногу компликуваниот начин на одлучување и креирање на заеднички политики? А такви размислувања во рамки на Унијата веќе има. Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава? Или мора да најдеме алтернатива, праша Црвенковски.

Тој кажа дека исто не гледа алтернатива ни на исток, ни на далечниот исток, но праша дали во таков случај имаме сопствен општествен капацитет, политичка волја и јасна визија да се одржиме и развиваме како суверена држава и без полноправно членство во ЕУ.

-Ако нашата главна идеја водилка е: „НАТО ќе не брани, ЕУ ќе не храни“, тврдам дека ниту ќе се одбраниме, ниту ќе се нахраниме. Зарем не е логично дека никој од надвор не може да биде повеќе заинтересиран од нас самите во каква држава ќе живееме и каква држава ќе оставиме на нашите деца и внуци. Па ако е логично што не попречува така да се однесуваме кон сопствената земја, рече поранешниот претседател Црвенковски.

Тој при тоа укажа на неколку причини, кои ги смета за клучни што не попречуваат така да се однесуваме кон државата, а тоа се вели корупцијата, внатрешно длабоко поделена и конфронтирана и дека сме држава која живее на кредити. Во корумпирана држава, рече, нема еднаквост пред законот, нема правда, нема доверба во судството, нема квалитетно образование, ниту квалитетно здравство, ниту елементарна доверба во институциите. Додаде дека „Македонија е внатрешно длабоко поделена и конфронтирана држава, каде не е можно да се изгради консензус околу ниту едно стратешки важно прашање, политичките партии меѓусебно не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели кои треба да се уништат, а изборите, без разлика од кој вид, не се третираат како фер натпревар кој е подобар, туку како гладијаторска борба во која победникот добива се, а поразениот ништо.

-Јас сум длабоко уверен дека вака внатрешно конфронтирани, раскарани и замразени, неспособни ниту да седнеме на иста маса, а камоли за нешто да се договориме, немаме никакви шанси да ја направиме Македонија поуспешна, попросперитетна, посакувана во неа да се живее и во неа да се верува.

Земјава рече е и држава која живее на кредити, и посочи дека во 2001 година бруто надворешниот долг (значи вкупниот долг, и на државата и на приватниот сектор) изнесувал 1 милијарда и 494 милиони долари, во 2011 пораснал на 6 милијарди и 271 милион долари, а денес, вели, во 2021 година „тој изнесува фантастични 11 милијарди и 545 милиони долари.

-За 20 години, бруто надворешниот долг пораснал за повеќе од 10 милијарди долари. Па каде завршија тие пари и што е уште поважно, како ќе се враќаат тие пари? Дали овие кредити се искористија за пропорционален раст на бруто домашниот производ? Не! Дали завршија во развиена патна, железнича, енергетска инфраструктура? Сосема мал дел! Дали се искористија во подигање на квалитетот на јавното здравство, на образованието? Прашајте ги граѓаните и ќе ви одговорат дека состојбите на овој план се дури и полоши отколку пред 10 или 20 години. За жал, голем дел од овие средства завршија во апсолутно непродуктивни трошоци и проекти, рече Црвенковски.

Забележителен раст, е вели регистриран кај буџетот на државата, и кај бројот на вработени во јавниот сектопр кој денес, во 2021 година изнесува 4 милијарди и 300 милиони евра, и кај вработени во јавниот сектор 197.530 лица.

-Вака понатаму не може. Овој балон еден ден, порано или подоцна, ќе пукне, со сите катастрофални последици што од тоа ќе произлезат. На Македонија и е ургентно потребна една национална платформа околу која ќе се постигне широк општествен консензус и ќе биде задолжителна за спроведување за сите, без разлика кој ќе биде власт а кој опозиција, се додека клучните работи не бидат доведени во ред. Платформа со која ќе се дефинираат начините и средствата за справување со корупцијата. Според мене, треба да се почне со елиминирање на коруптивното финансирање на партиите. Ако со помош на корупција се освојува или сочувува власта, немаме никакви шанси да ја победиме корупцијата во државата. Под итно ни е потребен еден строг ригорозен Закон за потекло на имотот кој ефикасно и неселективно ќе се применува за секого без исклучок. Платформа во која ќе се дефинира план и временската рамка за спроведување за рационализација на администрацијата и јавниот сектор во државата. Платформа во која ќе се дефинира политика и рокови за намалување на вкупниот надворешен долг на државата на подносливо ниво, порачува Црвенковски.

Македонија

Туфегџиќ: Ревизија на предметите во ОЈО клучна за враќање доверба во правосудството

Вечерва во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, адвокатот Владимир Туфегџиќ истакна дека новоизбраниот јавен обвинител треба итно да спроведе ревизија на проблематични предмети во Јавното обвинителство.

„Новиот јавен обвинител веднаш да спроведе контрола на законите во неколку предмети на сите обвинители по случаен избор. Ќе испливаат на површина обвинители кои имаат хроничен проблем со обвиниение, со начинот на постапување, со менаџирање на постапка, со прибирање на докази. Јавното обвинителство ќе добие реална слика кој како постапува, и ќе видите дека шест месеци колку трае истрага, во голем дел не е преземено ниту едно дејствие“, рече Туфегџиќ.

Адвокатот нагласи дека ревизијата е клучна за враќање на довербата на јавноста во работењето на обвинителството.

Continue Reading

Македонија

МВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“

Министерството за внатрешни работи официјално потврди дека автоматизираниот систем за сообраќајно санкционирање „Безбеден град“ ќе почне со работа на 1 февруари 2026 година, еден месец подоцна од првично најавениот датум.

Одложувањето доаѓа во период кога јавноста сè уште е фокусирана на состојбата во Скопје, а тестирањата на системот продолжуваат и во Тетово и Куманово – градови во кои истовремено со главниот град треба да почне издавањето автоматски казни.

Теренското тестирање покажа дека дел од камерите не регистрираат прекршоци, особено при мали надминувања на брзината. Советничката во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Снежана Петровиќ-Арсовска, потврди дека се разгледува воведување праг на толеранција, но конечната одлука сè уште не е донесена.

Повеќе локации во Скопје, Тетово и Куманово, како и на коридорите 8 и 10, веќе се покриени со камери, но дел од нив не функционираат целосно или не се калибрирани. Најголемиот број регистрирани прекршоци досега доаѓаат од скопската обиколница, каде системот издаде опомена за само едно надминување на брзината за време на тестирањата.

Во Тетово и Куманово ситуацијата е поизразена – на многу локации камерите воопшто не биле активни или не регистрирале прекршок, иако намерно биле направени неколку. Дополнителен проблем е постојаното непрописно паркирање, за што МВР најавува дека ќе се користат специјализирани патролни возила со опрема за снимање кои ќе кружат низ градовите.

Во Куманово, само неколку дена по тестирањето, се забележани нови точки на кои се поставуваат свежи камери – што укажува дека системот сè уште се надградува.

Од МВР велат дека „Безбеден град“ ќе биде пуштен во целосна функција од 1 февруари, а до тогаш продолжува тест-фазата и калибрацијата. Дополнителниот месец, според надлежните, треба да го обезбеди потребното време за проверка на техничките параметри, но и да им даде можност на возачите да ги коригираат своите навики пред почетокот на автоматизираното казнување.

Извор: 360степени

Continue Reading

Македонија

Андоновски: Родителите да имаат увид во изборот на деца за мобилни апликации – кон корисни и образовни содржини

И покрај австралискиот преседан со законска забрана на социјалните мрежи за деца под 16 години, Македонија засега цврсто стои настрана од радикални забрани. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, потврди дека прашањето се разгледува, но изрази сериозни сомнежи во врска со примената и подготвеноста на општеството за ваков драстичен чекор.

„Секоја забрана треба да бидете свесни како ќе ја донесете, ќе има два ефекти. Ако не успеете да ја имплементирате до крај, таа ќе придонесе некои да се снаоѓаат, а некои да излезат целосно од контрола.“ – истакна Андоновски, потенцирајќи го ризикот од неефикасност и заобиколување на мерките.

Наместо да се посегне по забрани, министерот го гледа решението во едукацијата и интензивната работа со родителите. Според него, одговорноста е на семејствата да го насочат времето што децата го минуваат на мобилните телефони кон корисни содржини, а не кон бесцелни „натпревари“ и „губење време“.

Прашан за личниот став во врска со австралискиот закон, Андоновски беше директен и скептичен:

„Моето очекување е дека нема да успее проектот целосно, затоа што првите најави веќе покажуваат дека се наоѓаат начини преку технички уреди и врски да се заобиколат забраните.“

Министерот потсети дека во земјава веќе се работи на заштита на децата преку Центарот за побезбеден интернет. Тој децидно појасни дека секој социјален медиум веќе има возрасна граница под 16 години.

Ако родителите го имплементираат тоа кај своите деца, тогаш децата нема да имаат пристап до алгоритми и содржини кои се штетни за нив. Ако тоа не го прават родителите, многу е потешко државата да се меша во слободниот избор на секој граѓанин и семејство и да одлучува што смеат, а што не смеат.

Со ова, Владата ја префрла топката назад кај родителската контрола, сугерирајќи дека државната интервенција во приватниот семеен избор е последна и најтешка опција.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг