Connect with us

Македонија

„Бугарите да се внесат во Устав, ако Северна сака во ЕУ“ – споменик заменет со нов во прилепско, Бугарија испрати протестна нота

Плоча тешка два тони во чест на војводата Велко Скочивирчето и осум негови соборци исчезнала од цркавата во прилепското село Клепач.

„Министерството за надворешни работи на Бугарија, му врачи протесна нота на привремениот шеф на Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија, Владимир Крстевски по повод случај за заменет бугарски споменик на македонска територија.“, се вели во соопштението од бугарското МНР.

Утврдено било дека оригиналниот напис кој бил на бугарски јазик бил заменет, а цели делови од текстот биле отстранети и некои од имињата од убиените војници биле сменети.

„Како што гледаме, нема вандализам туку промена. Изработена е нова, поставена е, старата исчезнала.“, рече Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“.

бТВ: Се знае ли каде е?

„Не знам, но ние од фондација „Македонија“ ќе инсистираме од властите во Северна Македонија да направат истрага, да се најде старата плоча и најмалку да се тргне овој фалсификат.“, вели Стојанов.

Од Бугарија се инсистира на истрага и обнова на оргиналниот споменик.

„Замената на историските артефакти е акт на уништување на автентичното културно наследство и обид за менување на историјата, што предизвикува сериозна загриженост, вклучително и во контекст на потребата за строго спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.“, велат од МНР на Бугарија.

Запрашан за правата на Бугарија во Македонија, Стојанов рече дека реализирале и кампања за време на пописот.

„Мислам дека таа иницијатива дава резултат и по неофицијална наша информација, се околу 13.000 луѓе се изјасниле како етнички Бугари, за споредба со 2002 година кога беа 1.417.“, изјави Стојанов.

Стојанов додава дека бугарскиот народ највеќе сака Северна Македонија да започне преговори со ЕУ, а за тоа се залага и фондацијата „Македонија“.

„За да селучи РСМ во ЕУ треба да даде еднакви права на Бугарите со другите народи таму. РСМ е мултиетничка држава и тоа е пишано во уставот, таму се наброени седум нации, меѓу кои Бугарите не се. Така што официјална бугарска позиција е Бугарите да бидат пишани во уставот и да имаат еднакви права со другите народи, како државна работа, можност да се изјаснат како Бугари…“, рече Стојанов.

За вакавата идеја, македонските власти неколку пати коментираа дека немаат проблем Бугарите да бидат внесени во уставот покрај останатите етнички заедници.

ТВ21

Македонија

Собранието ги усвои клучните закони за проектот „Безбеден град“

Собранието во рамки на попладневниот дел на 76. седница без расправа ги донесе измените и дополнувањата на повеќе закони кои се дел од пакетот потребен за целосно функционирање на системот „Безбеден град“. Со 65 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, пратениците усвоија измени на Законот за извршување на санкциите, Законот за полиција, Законот за возила и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите по скратена постапка.

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека законот е дел од шесте законски измени кои обезбедуваат имплементација на еден од најзначајните проекти во историјата на Македонија, кој започна пред неколку недели и практично ќе стартува од 1 февруари.

Законот за прекршоци, исто така дел од пакетот, воведува посебна постапка за прекршоци констатирани со технички средства и уреди за снимање, вклучително електронска достава преку текстуални пораки или е-пошта, 50% намалување на глобата при доброволно плаќање во рок од осум дена, како и автоматско суспендирање на возачката дозвола по акумулирање на три забрани во четири години. Пратеничката Моника Трајанова од ВМРО-ДПМНЕ објасни дека измените ќе го зголемат ефектот на превенцијата, ќе намалат административни трошоци и ќе ја зголемат ефикасноста на постапките.

Стојановски додаде дека законите овозможуваат одземање на возило на несовесни возачи, како и подобрување на процесот на издавање возачки дозволи, со зголемена транспарентност и контрола врз членовите на комисијата која ги доделува дозволите.

Во рамки на истата седница, пратениците го усвоија и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, исто така по скратена постапка, со што се овозможува поефикасно реализирање на инфраструктурни и други јавни проекти.

Continue Reading

Македонија

Собранието донесе закон за обновување на средното полициско училиште

Собранието вечерва на продолжение на 67. седница го усвои Законот за средно полициско училиште, со што се воспоставува правна рамка за основање и функционирање на оваа образовна институција за идни полициски службеници. Законот беше изгласан со Бадентерово мнозинство, а расправата околу него заврши претходно.

Според Законот, средното полициско училиште ќе функционира во рамки на сегашниот Центар за обука во Идризово, согласно новиот Закон за внатрешни работи – Полициска академија. Образованието ќе трае две години, односно ќе ги покрива третата и четвртата година средно образование. Кандидатите кои успешно ја завршиле првата и втората година средно образование ќе можат да се пријават на објавен конкурс и, доколку ги исполнуваат предвидените услови, да го продолжат своето образование во средното полициско училиште.

Покрај тоа, Министерството за внатрешни работи ќе има можност паралелно да ја спроведува и досегашната основна обука за полицаец, која трае една година.

Во образложението на законот се наведува дека анализите од досегашната практика и искуствата од земји како Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Чешка покажуваат дека средното полициско образование, иако произведува помал број на кадар, обезбедува поголем квалитет. Образованието на помлади кандидати, на возраст од 15 до 16 години, овозможува подолготрајна подготовка во споредба со сегашната обука за полициски службеници на возраст од 18 до 25 години.

Последната генерација ученици во Средното полициско училиште заврши во 2000 година, а со примената на новиот закон ќе започне 25-та генерација.

Continue Reading

Македонија

Отворен шалтер за корекција на неточни прекршочни известувања

Сообраќајниот прекршок го прави еден возач, а казната завршува во рацете на сосема друго лице. Ваква неправда во изминатиот период погодува дел од граѓаните, откако системот „Безбеден град“ започна да испраќа известувања со погрешни податоци. Наместо вистинските прекршители, санкциите ги добиваат луѓе кои немаат никаква врска со сторениот прекршок. Од Министерството за внатрешни работи појаснуваат дека проблемот произлегува од неправилности во евиденцијата при регистрацијата на возилата, што доведува до сериозни пропусти во автоматизираниот систем.

За надминување на ваквите ситуации, МВР отвори посебен шалтер на приземјето во Одделението за граѓански работи, во зградата на МРТ, каде граѓаните ќе можат директно да пријавуваат случаи во кои добиле казна што не им припаѓа.

„Од денес шалтерот за ‘Безбеден град’ е целосно во функција. Секој што добил известување со неточни податоци за сообраќаен прекршок може да поднесе барање за корекција на информациите“, соопштуваат од МВР.

Истата постапка, како што појаснуваат од Министерството, може да се заврши и преку станиците за технички преглед на возила, на локациите каде што е присутен службеник на МВР. Граѓаните ќе имаат можност да ги ажурираат контакт-податоците оставени при регистрацијата на возилото, доколку тие се променети или доколку добиле погрешно известување.

„Граѓаните можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците што ги доставиле при регистрацијата на своите возила, во случај на промена или при добиено известување со неточни информации“, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреев.

Шалтерот ќе работи секој работен ден од 8:00 до 17:00 часот, а дополнително, граѓаните можат да пријавуваат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со системот „Безбеден град“ и по електронска пошта на адресата bezbedengrad@moi.gov.mk.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг