Проверете дали исполнувате услови за купи куќа, купи стан, рокот е до 31 декември

Објавен е јавен повик согласно кој граѓаните ќе можат да поднесат барање, заклучно со 31 декември 2021 година, за државна субвенција на учеството или на месечната рата за купување стан или куќа.

Субвенцијата се одобрува за станбен кредит до 50.000 евра, чиј рок на отплата не е пократок од 20 години и истата може да достигне и до 20.000 евра, согласно избраниот модел на субвенционирање и висината на кредитот. Согласно избраниот модел субвенционираниот период може да биде и до 11 години.

Граѓаните можат да аплицираат за 6 различни модели коишто нудат различни поволности согласно тоа дали сакаат да аплицираат за субвенционирање месечна рата на кредитот или за учество, во зависност од тоа дали аплицираат за купување стан или куќа и во зависност од возраста.

Повеќе за моделите може да се види во прирачникот објавен на веб-страницата на Министерството за финансии.

Каматната стапка за станбениот кредит преку проектот е исто така исклучително поволна. За моделите каде што се субвенционира ратата, каматата за првите 3 години изнесува 2,9 проценти, а за четвртата и петтата година 3,9 проценти. Кај моделите каде што се субвенционира учеството, каматата изнесува 4 проценти за цело времетраење на отплатата плус 6-месечен еурибор.

Дополнителна поволност што ја нуди проектот за корисниците е дека за секое новородено или посвоено дете, ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти.