На 20-тина км јужно од Скопје, во непосредна близина на с. Маркова Сушица, сместен во живописен пејсаж, со векови опстојува Марковиот манастир со црква посветена на св. вмч. Димитриј Мироточив. Манастирот, кој го добил своето име по Крале Марко, е една од најголемите градби од периодот на неговото владеење кој и ден денес е активен.
Едно од подобрите места за викенд, прошетка, возење велосипед или пикник во природа со семејството.
Уште однадвор, импозантниот комплекс ве кани да ги откриете неговите скриени богатства. Портата искована од масивно дрво води кон дворот каде е сместена црквата, изградена во 1345 г. Во дворот можете да им се восхитувате на прекрасните конаци распоредени како венец околу црквата. Комплексот го украсуваат и камбанерија, помала црква посветена на cв. Апостол Марко, музеј, галерија за икони, фурна, казани за печење ракија, бунар со студена вода и мошне стара воденица која е сочувана како сеќавање на времето кога житото се мелело на таков начин. Тука секој е добредојден да се помоли и да слушне убави зборови за историјата на манастирот.
Ова духовно жариште е воедно и книжевно-просветен центар. Со времето, манастирот стекнал богат имот и се здобил со големо културно-историско богатство: стари икони, стари ракописи и книги, многу црковни предмети и реликвии.
Народното предание говори дека во реновирањето на манастирот учествувал и скопскиот заповедник Хавзи Паша. Тој тргнал кон манастирот со намисла да го извади оловниот покрив од црквата и да го претопи во куршуми. Но, изморен од долгиот пат, во близината легнал да се одмори и заспал. На сон му се јавил војник, облечен во златна одора и јавајќи на коњ го застрашувал со долгото копје. Исплашен, пашата се прашувал кој е тој воин што сакал да го убие. Кога влегол во црквата и ја видел фреската на cв. Димитриј, го препознал воинот од сонот и веднаш се откажал од својата намера, па наместо да го извади оловниот покрив, го реновирал манастирот и на црквата ѝ доградил трем.
Сместен по долината на Маркова Река, манастирот е едно од најпривлечните излетнички места во околината, а тоа што го прави уникатен е самата местоположба, затскриен под пазувите на дрвјата нудејќи питома средина, во комбинација со свежината од реката, зеленилото и сончевите зраци. Ќе ве маѓепсаат шумските патеки прекриени со лековити билки, низ кои додека чекорите и се искачувате, постојано ќе ве следи дебела сенка, опоен мирис и жубор на реката. Овој редок македонски бисер е совршено место за одмор, релаксација и душевен мир, каде ќе стекнете спомени кои долго ќе ги паметите, уживајќи во културно-историските знаменитости и убавини што ги нуди ова волшебно место.
Николоски: Карпош добива нов урбан лик со реконструкција на над 15 улици
Преку петнаесетина улици ќе се реконструираат во општина Карпош со подршка на Владата. Општината полека ќе го смени урбаниот лик и ќе се развива, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета на општина Карпош.
Николоски заедно со градоначалникот Сотир Лукровски извршија увид во реконструкција на ул. Јуриј Гагарин, проект кој се реализира со подршка на Министерството за транспорт, а во заедничка соработка со општината.
“ Ова беше заглавен проект, ова беше проект без разлика што имавме обезбедено средства, не можевме да го реализираме. Откако беше избран за градоначалник, заедно со службите во општината, успееја да ги решат сите предизвици на овој проект, да се решат проблемите и еве веќе се гради и ако се оди добро и не послужи времето до Нова година може да се заврши оваа улица, паркингот зад зградите и да се добие нов урбан лик на овој простор. Сакам да најавам дека дополнително на ова имаме уште еден проект кој се реализира со Светска банка во вредност од над 13 милиони денари, тоа е улицата Петар Чаулев, целосна реконструкција околу 600 метри што дополнително се надевам ќе допринесе за урбаниот развој на општината. На тоа додаваме уште дванаесетина проекти кои што ги резлизираме преку вториот повик на Владата и севкупно имаме значајни проекти за општина Карпош. Тука е и подршката на Владата, мојата лична подршка за дополнителни работи кои треба да ги направиме во Карпош. Со изборот на новиот градоначалник, со неговата напорна работа се гледаат промените и навистина сите имаме желба да помогнеме и да се случуваат убави работи во општина Карпош”-изјави вицепремиерот Николоски.
Прекин на електрична енергија денеска во Горно Нерези, Глуво и Мирковци
Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) информира, повикувајќи се на известување од ЕВН Македонија, дека денес од 9:00 до 15:00 часот ќе има прекин во снабдувањето со електрична енергија за корисниците од неколку населени места.
Прекинот ги опфаќа корисниците од селото Горно Нерези и корисниците од селата Глуво и Мирковци.
Станува збор за планиран прекин, а корисниците се повикуваат на трпение до завршувањето на работите.
Жителите на одредени делови од Аеродром денес без вода
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје информираше за привремен прекин во водоснабдувањето за дел од корисниците лоцирани на булеварот „АСНОМ“, во населбата Аеродром.
Прекинот, кој започна вечерва во 18:45 часот, е предизвикан од уличен водоводен дефект на цевка со дијаметар Ф100 мм, конкретно кај број 74 на булеварот.
Погодени корисници ќе бидат корисниците лоцирани на булевар „АСНОМ“ од број 70 до број 116.
Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ се на терен и работат на отстранување на дефектот. Водоснабдувањето ќе биде нормализирано веднаш по завршувањето на работните активности, за што јавноста ќе биде дополнително известена.