Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска објави на својот фејсбук профил дека ги собрал клучевите од службените автомобили. Исто така, тој вели дека ниту тој нема да користи службен автомобил и се откажува од средствата за репрезентација.
– Никој повеќе нема право да ги злоупотребува службените возила во приватни цели. Од денес, клучевите на сите службени возила ќе бидат под строга контрола и ќе се користат исклучиво во корист на граѓаните, доста беше од бесцелно трошење на парите на граѓаните, изјавил градоначалникот, напиша тој.
Заедно со објавата Ѓорѓиевски објави и фотографија на која тој седи во кабинетот и потпишува документ, а околу него се клучевите од службените возила.
Секоја чест за овој потег, но исто така мора да се признае дека ова не е некој изум на новиот градоначалник на Кисела Вода.
Во декември 2020 година ова го направи новиот градоначалник на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, кој еден ден откако ја презеде функцијата во првата одлука, нареди сите клучеви од над 50 службени автомобили да бидат вратени во просториите на канцеларијата на градоначалникот и на Инстаграм објави фотографија со работната маса полна со клучеви.
Ви ги даваме двете фотографии – првата на градоначалникот на Бања Лука, а втората на Орце Ѓорѓиевски, па вие проценете.
Скопско ехо
