Заев е против, Мицкоски за предвремени парламентарни, што вели Уставот?

 На Владата ѝ престанува мандатот ако премиерот поднесе оставка, ако ѝ биде изгласана недоверба во парламентот или ако Собранието се распушти, на таа останува на должност до изборот на нова влада. А нова влада составува мандатар што ќе обезбеди мнозинство од најмалку 61 пратеник во парламентот и ќе добие мандат од претседателот на државата.

По објавената оставка на Зоран Заев од премиерската и претседателската функција во СДСМ поради неуспехот на локалните избори, се наметнува прашањето што ќе се случува сега. Заев синоќа истакна дека според него не треба да има вонредни парламентарни избори.

„Претстојат одлични и неповторливи 2,5 години за работа и економски успеси од корист ќе има целиот наш народ и државата“, рече Заев.

Тој најави дека периодов помогне да се реорганизира нова влада со „прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено“.

Веќе денеска, премиерот во оставка,  ги повика во Владата лидерите на партиите од досегашната владејачка коалиција, на кои се очекува да се разговара за резултатите од изборите и понатамошните чекори коишто ќе бидат преземени.

Мицковски пак, во својот говор после победата на локалните избори, рече дека  е време за ново парламентарно мнозинство и за предвремени избори. „Овие избори ги делегитимираа сите политики на власта. Во однос на ново парламентарно мнозинство, најдобро е времето да покаже. Што понатаму? Мислам дека најдобро би било да се распишат предвремени парламентарни избори. За да има предвремени избори, треба да има мнозинство и во парламентот. Оставете времето да покаже и да ги реши дилемите. Една од тие дилеми е и кога ќе бидат предвремените избори. А, ќе бидат многу скоро“, рече синоќа Мицкоски. 

Според членот 93 од Уставот, оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. На Владата ѝ престанува мандатот ако премиерот поднесе оставка, ако ѝ биде изгласана недоверба во парламентот или ако Собранието се распушти, на таа останува на должност до изборот на нова Влада. Во Членот 219 од Деловникот на Собранието е наведено дека Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка.

Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на државата. Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата.

Оставката на премиерот Заев од претседател на Владата и од лидер на СДСМ се’ уште е „фејсбук оставка“, се уште не е испратена до институцијата каде што треба да биде доставена, а тоа е Собранието на Република Македонија, изјави денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието Никола Мицевски. 

Додаде дека во зависност од писмото што ќе биде добиено ќе се знаат и процедурите, односно она што ќе треба да се прави како наредни чекори во Собранието. Посочи дека „согласно Уставот имало постапки каде претседателот на Републиката по доставувањето на оставката, таа се констатира во Собранието и претседателот на Републиката е должен во рок од 10 дена да ја достави на мандатар кој ќе приложи мнозинство од 61 пратеник, па потоа мандатарот има 20 дена за одлучување, односно за составување на новата влада. Тоа, како што рече, ќе се види откако ќе биде доставена оставката. “