Со ПУР ПЕНА „затворен“ автомобилот на претседателката на Советот на Град Скопје Љубица Јанчева: Не сме животни, ова е варварски чин!

Актуелната претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева утрово беше непријатно изненадена кога на паркингот во Аеродром си го најде автомобилот испрскан со пур пена, со „затворени“ врати и хауба.

„Вака ли мои сограѓани во Европа – со заплашување? Почнавте со чкртање…утрово ова? Ваквиот чин е одраз на немоќ, градоначалнику Тимчо Муцунски безбедноста на граѓаните од другата опција е загрозена, објави Јанчева на својот Фејсбук профил покрај фотографијата од својот оштетен автомобил.

Јанчева за „Слободен печат“ инцидентот го опиша како „варварски чин“.

-Што и да е позадината на ова, во 21 век не може вака да се комуницира со вакви пораки, не сме животни. Ова е варварски чин и не гледам причина за вакво однесување. Автомобилот беше паркиран на обележан паркинг простор во општина Аеродром. Со оглед на тоа што овој автомобил го вози и мојата ќерка сметам дека со ова е загрозена и безбедноста на моето семејство, изјави Јанчева.

Таа утрово случајот го пријави во полиција и инспектори од ПС Аеродром извршија увид и составија записник на паркингот каде и претходно бил оштетуван нејзиниот автомобил.

-Само пред неколку месеци, додека бев на состанок во општинската организација на СДСМ Аеродром на која сум претседател, колата ми ја изгребаа со клуч. Можеби тоа било и случајно, но сега пред мојот дом во Аеродром, на уредно одбележан паркинг и уредно паркирано возило, ова е навистина непријатна глетка. Пред неколку години кога станав претседател на Градскиот совет ми беа избушени гумите на автомобилот, вели Јанчева која 27 години е член на СДСМ и извршува партиски и функции во локалната власт.

Новиот Совет на Град Скопје по локалните избори се уште не е конситуиран поради што Јанчева се уште е претседателка до изборот на нов претседател. По конституирањето на новиот Градски совет таа и понатаму ќе негов член откако на локалните избори освои советничко место преку листата на матичната партија СДСМ.

Таа е децидна дека случајот со оштетувањето на возилото ќе го истера до крај за да не се повторува повеќе.

„Како градоначалник на Општина Аеродром и како граѓанин пред сè го осудувам овој вандалски чин. Во нашата општина ова не смее да се случува.  Почитувана г-ѓа Јанчева, досега неколку пати реагираме како општина до МВР во врска со нивното дејствување во Аеродром и слабите контроли и неприсуството на терен на полицијата и не добиваме никаков одговор. Во мојата програма нема опции од една или друга страна, сите се исти и затоа работиме со сите сили за една поинаква општина на која сите ќе сме горди. Ги повикувам институциите да преземат мерки, а ние ќе ги интензивираме нашите соработки со институциите за еден безбеден Аеродром за сите“, порача Муцунски.