Ни најдобрите разузнавачи не знаат кој има мнозинство

Во врска со утрешната собраниска седница и за тоа кој ќе го добие мандатот, претседателот Пендаровски за ТВ21 кажа дека нему му е важно мнозинство да се добие по демократски пат, и дека само така ќе се има легитимитет и внатре и надвор.

-Она што како претседател ми е важно, и е важно и за меѓународната заедница, е следното: оној кој ќе добие во демократска процедура 61 глас, тој ќе биде потполно релевантен соговорник и внатре и надвор. Мене ми е најважно да се случи 61 глас во демократска процедура како што е пропишано во Устав и Закон, рече Пендаровски.

На прашањето кој има мнозинство според неговите информации, тој рече дека се шегувал оти сега и најдобрите разузнавачи не знаат кој има мнозинство.

Шефот на државата вели дека поголемиот дел од политичарите не би сакале брзи избори. Причините како што кажа е опаѓањето на бројот на гласачите и калкулациите на политичките партии.