Синдикатите ќе кpeваат бyнт пpoтив пpиcилната вakцинација

Благоја Ралповски, лидерот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), се жали дека новите мерки против ковид-19 предизвикале големо незадоволство кај нивните членови и ако власта остане на ставот да ги воведе, ќе се соочи со протести. Синдикалците предлагаат со стимулативни мерки за да се поттикне имунизацијата, а во спротивно нема да може да се контролира незадоволството, затоа што нема да се дозволи ниту еден работник да остане без работа, пренесува Плусинфо.

Новите мерки, според здравствените власти, треба да ги намалат последиците пред заканата од нов ковид бран, во кој се предвидува дека може и двојно да се зголеми бројот на заразени од опасниот вирус, дополнително ги поделија ставовите на граѓаните – голем дел од јавноста ги поддржува, но се на удар и на силни критики, па дури и се толкуваат како мерки за присилна вакцинација, иако е неизвесно кога ќе почнат да се спроведуваат.

И дел од стручната јавност се сомнева дека на ваков начин ќе се зголемува бројот на вакцинирано население и дека ќе се постигне заштита на здравјето на граѓаните. Некои дури одат дотаму што прогнозираат и засилување на антиваксерството, па за да не се случи тоа предлагаат да се размисли за стимулативни мерки кои можат многу повеќе да ја поттикнат вакцинацијата.

Експлодира незадоволството кај синдикалците

Во Комисијата за заразни болести нема доктори по медицина на трудот. Има голема недоверба. Кампањата власта ја остави само на тројца до четворица епидемиолози, не направи никаков чекор кон синдикалците, да седне со нив на иста маса, па така да го решаваат проблемот со вакцинацијата, вели Ралповски.

– Телефоните буквално прегореа, експлодира незадоволството. Илјадници прашања од вработените „зарем ќе го дозволите тоа?“, „ќе нè избркаат ли од работа по 30 години стаж?“ … Револтот е голем. Власта вели дека се спроведуваат исти мерки како и во Хрватска и во Србија, а сите знаеме што се случуваше таму и како тамошните власти заедно со синдикатите одеа на терен, спроведуваа едукативни кампања, имаа стимулативни мерки, имаа меѓусебен дијалог. Им објаснија на луѓето што се во недоумица за вакцините. А кај нас трчаа по провизии. Во Македонија нема ништо од тоа, настрана што во земјите со кои нè споредува министерот Филипче, тестирањето е бесплатно. Ние не сме антиваксери, но имаме многу наши членови кои се во недоумица. Ако останат на овие мерки донесени без анализи, кампањи и скрининзи ќе бидеме принудени на протести – вели Ралповски.

Стопанската комора на Македонија вчера побара да се воведе задолжителната вакцинација и во приватниот сектор. Само така, сметаат тие, ќе се постигнат колективни резултати во борбата со вирусот, но и ќе се овозможи континуитет на деловните процеси.

Спротивно на ова барањето на Комората, Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) смета дека се кршат основните човекови права и затоа бараат Владата, како што вели Ралповски, да размисли пред да ги донесе.

Тој објаснува дека трошоците за ПЦР тестовите не можат да ги платат работниците, затоа што над 80.000 вработени во јавниот сектор се на минимална плата, која не е доволна да се преживее.

Против најновите предлози е и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Оттаму наведуваат дека вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува со присила.

И Сојузот на стопански комори (ССК) е против задолжителна вакцинација за вработените во приватниот сектор.

– Нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна е лично право на избор и не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни ќе се постигне со стимулирачки мерки и со навремено обезбедување на повеќе видови вакцини и релевантни информации за нивната безбедност – наведува ССК.

Извор: Плусинфо