Денес на маса НОВИТЕ МЕРКИ на Комисијата за заразни болести! Дали вакцината ќе стане задолжителна за здравствените работници?!

За новите предлог-мерки на Комисијата за заразни болести за невакцинираните вработени во јавниот сектор и здравствените работници, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, денеска ќе се разговара на Главниот кризен штаб, а потоа и на седница на Владата.

Согласно предлог-мерките, сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите институции за одење на работно место треба да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Оние кои го прележале вирусот ќе приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист.

Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат на сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои се уште не се вакцинирале.

Препораките се кон овие мерки да се приклучат и приватните компании, со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата.

– Бараме да се ажурура процесот за спроведување на контрола на здравствените сертификати, користејќи ги елекронските алатки на европските сертификати преку апликација која го прикажува вистинскиот QR код и ја контролира неговата валидност. Ова е мерка со која очекуваме значајно да се зголеми опфатот со вакцинацијата, изјави министерот Филипче кога ги објави предлог-мерките и додаде дека го следат примерот од останатите држави од регионот и од Западна Европа каде се применуваат мерки сѐ повеќе рестрикции за невакцинираните.

Во моментот, државата располага со 470 илјади вакцини на „Фајзер“ и 20 000 на „Астра Зенека“. Се очекува да пристигнат и 200 000 вакцини на „Фајзер“ како донација од Италија, со рок до средината на следната година.

Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, при направени 2.633 тестирања, регистрирани се 389 нови случаи со Ковид-19, 18 починати и 317 оздравени пациенти.

Бројот на активни ковид случаи во земјава изнесува 8.535 случаи од кои најголем број 3908 се во Скопје. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 212.220, бројот на оздравени пациенти е 196.249, а на починати е 7.436.