Станува извесно дека земјата околу Нова Година ќе има нов премиер и нова Влада, по синоќешните состаноци на највисоките партиски раководства на СДСМ и на Алтернатива. СДСМ на 12 декември ќе избира нов лидер што треба да го наследи Зоран Заев кој поднесе оставка, за што постапката почнува утре. Оваа одлука била донесена на синоќешната седница на Централниот одбор на партијата. Алтернатива, пак, го овласти претседателот на партијата Африм Гаши да разговара со Заев или неговиот наследник за евентуален влез во Владата.
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска изјави дека Централниот одбор, како што рече, констатираше дека со поднесената оставка на Заев во партијата потребно е да започне процес за внатрепартиски избори. Кандидирањето започнува утре и ќе трае една недела, а право да се пријават имаат сите членови на СДСМ кои ги кои ги исполнуваат критериумите предвидени со статутот на партијата. Можност за гласање ќе имаат сите членови на СДСМ кои активно ќе се регистрираат на онлајн алатката. По изборот на нов лидер, ќе се избираат и органите на партијата.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали на ЦО било споменато името на Димитар Ковачевски за можен наследник на Заев, Кузеска рече дека се работело за коментар за квалитети на човек, без да прецизира други детали.
Заев на седницата на ЦО информирал дека парламентарното мнозинство е стабилно, изнесува 61 пратеник и очекува да се создадат можности дополнително да се зголеми со цел да се задржи европскиот курс на државата. Кузеска не даде конкретен одговор кој е 61 – от пратеник.
-ЦО смета дека има простор за разговори за приклучување на Алтернатива врз основа на принципи и вредности, и пренесена е надлежност на Заев за тоа, рече Кузеска.
ЦО на седницата оценил дека државата и надлежните институции со полн капацитет се справуваат со предизвиците од енергетската криза и ги носат сите одлуки во оваа функција. Државниот буџет е ликвиден и има средства да се помогне енергетскиот сектор. Во однос на пандемијата фокусот на надлежните е да преземат чекор за дополнително мотивирање и охрабрување што повеќе граѓани да се вакцинираат. Буџетот за 2022 е развоен и обезбедува повеќе пари за инвестиции во клучните сектори, рече Кузеска.
На 12 декември лидер на Конгрес во Скопје ќе бира и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според партиски информации, по успехот на локалните избори, се очекува претседателската функција во партијата да ја задржи Христијан Мицкоски.
Претходно синоќа Централното претседателство го овласти претседателот на Алтернатива Африм Гаши да комуницира со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза.
-Алтернатива како сериозна политичка партија која отсекогаш знаела да се издигне над сопствените интереси вечерва разговараше за можноста и помошта за откочување на ситуацијата во земјава. Вкупниот заклучок на Централното претседателство беше дека треба да им дадеме шанса на стабилноста и континуитетот за да може земјата да се надева на датум за членство во ЕУ, изјави портпаролот на Алтернатива Орхан Муртезани по седницата што се одржа во партиското седиште во Скопје.
Муртезани рече дека отсега сè зависи од разговорите и од тоа што ќе се договори.
-Ќе слушнеме каков е нивниот концепт за излез од кризата, дали има волја за заедничка владина програма, и дали актуелните владини партнери имаат волја да се откажат од дел од својата моќ за да се создаде рамнотежа во власта, рече портпаролот на Алтернатива.
Потоа, како што додаде Муртезни, конечната одлука за влез во Влада ќе ја донесе Централното Собрание на Алтернатива.
-Централното Собрание на Алтернатива може да се свика откога ќе имаме нешто поконкретно од самата подготвеност за преговори, рече Муртезани.
Одговарајќи на прашање рече дека Алтернатива не се води од апетитите за власт.
-Како ќе завршат преговорите не знаеме, повеќе сме заинтересирани за начините за излез од оваа криза, додаде Муртезани.
Во интервју за белградска „Политика“ лидерот на партијата Африм Гаши изјави дека Алтернатива ќе се води од очекувањата на своите гласачи, интересите на Албанците во Северна Македонија, како и државните интереси кои се тесно поврзани со нивните партиски и национални цели.
-Ако во преговорите видиме дека Зоран Заев навистина има искрена желба да ја спаси државата од овој грч, ќе се обидеме да му помогнеме. Длабоко сме заинтересирани за продолжување на евроатлантскиот курс на земјата, за отворање на преговорите за членство во ЕУ, за решавање на спорот со Бугарија и за политичка и економска стабилност, рече Гаши. (МИА)
Сообраќајот на Евзони повторно во прекин од 17 часот
АМСМ информира дека од 17 часот повторно е блокиран сообраќајот на Граничниот премин Евзони (ГП Богородица).
Според последните информации, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози и со умерен интензитет надвор од градските средини. На македонските гранични премини нема подолги задржувања за влез или излез од државата.
АМСМ апелира до возачите да возат со прилагодена брзина, да ја почитуваат поставената сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ котлинските и клисурните делови, каде што постои ризик од одрони. Најкритични се делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Студентите имаат уште десет дена за апликација за ваучери
Министерството за дигитална трансформација потсетува дека студентите имаат рок до 20 декември 2025 година да аплицираат за ваучери за електронски уреди.
Досега се доделени 42.606 ваучери, од кои 27.426 веќе се искористени. Во рамките на владината програма, предвидени се вкупно 55.000 ваучери за студенти на додипломски студии запишани во учебната 2025/26 година.
Ваучерите можат да се искористат најдоцна до 31 декември 2025 година.
Андоновски најави: Доаѓа единствениот електронски идентификациски број за сите граѓани
Иако технолошката основа постои, македонските институции функционираат како „засебни острови“ и го кочат дигиталниот развој на државата, порача министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Скопје. На годишната конференција на Американската стопанска комора, тој отворено ја критикуваше администрацијата и најави радикални мерки за искористување на заспаниот потенцијал на Платформата за интероперабилност.
„Не се доволни 2,6 милиони трансакции месечно на оваа платформа, може и мора да има десет пати повеќе“, беше јасен Андоновски. И покрај огромниот раст од 274% во ноември 2024 година во споредба со просекот, министерот смета дека тоа е само почеток. Проблемот не е во ИТ-то, туку во менталитетот и однесувањето на институциите.
„Вчера од еден од покрупните директори слушнав ваква констатација – тоа е мој податок што го прибирам по мои закони и немам зошто да го споделувам со друга институција од друг сектор. Проблемот е системски во размислувањето на администрацијата.“
Во насока на поврзување на податоците и заштита на граѓаните, Андоновски откри дека вчера Владата ги прифатила измените на Законот за Централен регистар на население, со што се воведува единствен електронски број на граѓанинот.
Овој број ќе биде анонимизиран матичен број. Ќе биде реплициран и во единствениот даночен број за граѓаните. Целта е да се поврзат податоците за секој граѓанин без да се загрози неговата приватност.
Иако Платформата за интероперабилност е задолжителна за сите 400 државни институции, досега се приклучени само 78. Министерот вели дека ова мора да се промени.
За првпат, со законски измени се воведува инспекциски надзор и се формира сектор за контрола. Конечно се предвидени казни и санкции за институциите кои одбиваат да се приклучат и да разменуваат податоци. Се очекува наскоро да се приклучат и коморите на нотарите, извршителите и адвокатите, како и приватните компании, кои сè уште се само десетина.
Андоновски истакна дека Македонија, за разлика од многу други држави, веќе ја има технолошката основа за комуникација меѓу институциите. „Има и поразвиени држави од нас кои ја немаат оваа платформа и за секоја услуга развиваат билатерални врски една со друга институција. Тоа кај нас е олеснето“, рече тој.
Министерството веќе работи на инсталирање на набавената нова хардверска инфраструктура за забрзување на размената и зголемување на безбедноста.
„Секоја нова електронска услуга нема да ја поддржуваме сè додека нема информација дека ја користи платформата во вистинска смисла.“
Најавени се и активности за дигитализација и приклучување на клучни регистри како Регистарот за адреси и новиот Интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС) во Министерството за финансии.