Од денеска започнуваат Божиќните пости кои траат 40 денови, пред големиот празник Рождеството Христово

Од денес 28-ми ноември започнуваат Божиќните пости кои траат 40 денови, пред големиот празник Рождеството Христово Божик, на 7-ми јануари. Денешниот ден 28 ноември, се нарекува уште божикни поклади. Овој ден е и денот на споменот на Апостол Филип.

Светата Православна Црква постојано се грижела за душите на своите верни чеда, па изнаоѓала начини за тоа според зборовите и делата на Спасителот Господ Исус Христос. Така таа се потсетува на зборовите од Господа кој вели: „Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост“ (Матеј 17,21; спореди: Марко 9,29), мислејќи на демонскиот род, па токму пред Божик, како и за поголемите празници, востановила пост кој е познат како Божикен пост кој трае 40 дена и има за цел да го подготви верниот човек за дочек на Христовото раѓање со чиста совест и мисла, исто онака како што се подготвуваме ние за дочек на дете во овој свет (чистиме, купуваме добри предмети и среќни сме).

Најпрво имаме еден претходен ден за простување со ближните (Божикни поклади) и со мир во душата и мир со сите луѓе на светот да отпочнеме подвиг за пост, бидејќи навистина е голема работа да се пости и да се моли, а за тоа имаме сведоштва од светите отци на Црквата.

Свети Јован Златоуст вели: „Кога ќе слушнете за постот не плашете се од него како од страшен војвода: тој не е страшен за нас, туку за лошите духови“, односно ги потврдува Христовите зборови и тежината за секого, оти не е секој моќен за тоа, ама е потребна победа врз демоните, а тоа го правиме и телесно и духовно (психофизички).

Историјата за овој пост се следи некаде околу V и VI век, но тоа не значи дека порано го немало, туку има историска основа за сето тоа, бидејќи Богојавление и Божик се славеле во ист ден и претходел некој помалкудневен пост. Секогаш започнува на 28/15 ноември, а завршува на 6 јануари, односно 24 декември според Јулијанскиот календар, на Бадник.

Имајте лесен, благословен и богоугоден пост во овие предрождествени денови, па во овој предбожикен период посоветувајте се со свештените лица и вашите духовни Отци за напредокот во личниот живот…

Извор: Порта

Светите маченици Гуриј, Самон и Авив

Гуриј и Самон беа угледни едески граѓани. За време на едно гонење на христијаните се засолнија надвор од градот и живееја во пост и во молитва, храбрејќи ги правоверните коишто ним им притекнуваа за совет. Но, ги фатија и ги изведоа пред судијата. Судијата им се закани со смрт ако не ѝ се покорат на царската наредба за поклонување на идолите.

Светите Христови маченици му одговорија: „Ако ѝ се покориме на царската наредба ќе пропаднеме дури и ако ти не нè убиеш“. После многу мачења беа фрлени во затвор, во којшто трпеа глад, темнина и тегобност од 1 август до 10 ноември. Тогаш повторно ги изведоа и ги мачеа, па бидејќи останаа непоколебливи во Христовата вера, беа осудени на смрт и убиени со меч во 322 година, за време на свирепиот цар Ликиниј. Подоцна и едескиот ѓакон Авив прими маки за својот Господ Исус Христос и го предаде духот свој во оган. Мајка му го извади целото негово тело од огнот и го погреба во гроб заедно со светите Гуриј и Самон.

Кога престана гонењето, христијаните подигнаа храм во чест на тројцата маченици Гуриј, Самон и Авив и ги положија нивните чудотворни мошти во еден ковчег. Од безбројните чуда над моштите на овие прекрасни маченици се издвојува едно: една вдовица во Едеса имаше ќерка со која се ожени еден Гот, војник на грчката војска.

Бидејќи мајката се плашеше да ја даде девојката во далечна земја, тој Гот се заколна на гробот на тројцата маченици дека никакво зло нема да ѝ направи на нејзината ќерка, но дека ќе ја земе за своја законска жена, бидејќи, рече, е неженет. Всушност тој беше женет. Кога ја одведе девојката во неговата татковина ја држеше како робинка додека не умре неговата законска жена.

Тогаш тој, во договор со останатите свои роднини, со мртвата жена ја закопа и својата жива робинка. Робинката им се молеше со плач на светите маченици да ја спасат. И тие ѝ се јавија во гробот, ја зедоа и во еден миг ја пренесоа од Готската земја во Едеса, во својата црква. Утредента кога ја отворија црквата ја најдоа ќерката на онаа вдовица покрај гробот на Божјите светители и дознаа за нејзиното чудесно избавување.