Манастирот Бигорски во снежна идила (Фото)

Ова место има душа, има посебен шарм, зрачи со некоја магија, а сега обоен во бело е вистинска сцена од зимска бајка. Го посетувате ли често Бигорскиот манастир?

Наша читателка на социјалните мрежи се пофали како утринава се разбудила среде снежна идила во Бигорскиот манастир.

Не можевме, а да не ја контактираме детално преку фотографии да ни ја долови атмосферата оттаму.

За Бигорскиот манастир навистина нема потреба да кажуваме дека има посебна магија, плус обоен во бело е како сцена од зимска бајка.

Бигорски манастир Свети Јован Крстител се наоѓа на патот помеѓу Гостивар и Дебар во непосредна близина на селата Ростуше, Битуше, Велебрдо и Требиште, по течението на реката Радика во Западна Македонија.

Станува збор за еден од најголемите духовни центри во Македонија, но и пошироко на Балканот.

Во него својот духовен мир го наоѓаат илјадници души, а молитвите на Игуменот, Епископот г. Партениј и на неговото братство се вистинско богатство за светот.

Манастирот претставува архитектонско ремек-дело, во една чудесна складност со планинските природни убавини во тој крај.

Снежната идила на Бигорски, низ објективот на Црна Рибизла:

Со силен дух и обновена ревност и обилно преисполнети со љубов, радост и почит кон Богомладенецот Христос, го започнавме благо-радосниот Божиќен пост. Сите ние заедно, духовно и таинствено да се подготвиме да застанеме пред малата, скромна Пештера во Витлеем, таа земна палата на Небесниот Цар, пред смирените пастири и боговдахновени мудреци, опкружени со безбројното воинство ангели. Да стоиме молитвено со душите приклонети кон Преблагословената Владичица наша Богородица, со срца подарени на најпрекрасниот Богомладенец. Да се удостоиме да бидеме поклоници на божественото Новороденче и со зарадувани срца и озарени лица да го возвестиме ангелскиот поздрав  за Рождеството Христово: „Слава на Бога во височините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“

Господ да нè благослови да го поминеме постот со богоугодни дела и да го дочекаме светлото Христово Раѓање. Нека ни е лесен и богоугоден овој свет Божиќен пост и по молитвите на славната Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, да се удостоиме сите, во радост и чистота, да се поклониме на Богомладенецот Христос.

По повод почетокот на чесниот Божиќен пост, кој се совпадна со неделата на Добриот Самарјанин, нашиот Старец и Епископ г. Партениј вчера отслужи Божествена Евхаристија, со браќата јеромонаси и јероѓакони и испрати од своето срце благослов за добри и богоугодни пости.

Вистинската љубов е над човечките поделби и спротивставености. Ја победува омразата и острастеноста. Ги надминува личните огорчувања и се простира над сето човештво, без користољубие и задни намери. На тоа нè научи Господ и тоа сме должни да го применуваме. Да се грижиме, ‘да ги чуваме’ нашите браќа.

Старец и Епископ г. Партениј Бигорски

Извор: Bigorski.org.mk