Двајца лекари пријавиле сомнеж за починати пациенти после вакцинација

Лекари се посомневале дека двајца пациенти починале по примена вакцина во Македонија, па случаите ги пријавиле, велат од Агенцијата за лекови МАЛМЕД.

Станува збор за 53 годишен пациент кој примил „Фајзер“, случај пријавен во април, и 85 годишник имунизиран со „Астра Зенека“ во септември. Ова засега се само сомневања кои допрва треба да се утврдуваат преку синџир на анализи кои треба „под лупа“ да го стават и медицинскиот профил на пациентот, од што боледувал и какви лекарства земал, вели раководителката во Агенцијата за лекови Мерјем Хаџихамза која заедно со првиот човек на МАЛМЕД оствари он-лајн средба со новинарите.

Досега се пријавени околу 240 негативни последици по примена вакцина, но најголем дел од нив се оние вообичаените како главоболка, вртоглавица и болка во рамото. Ова е помалку од 1% од сите вакцинирани, појаснува Директорот на МАЛМЕД Љирим Шабани.

Ризик од несакана последица има секој лек и вакцина, па дури и Аспиринот. Антиковид вакцината, според надлежните, спасува животи со тоа што го намалува ризикот за хоспитализација и смрт. Според анализите на Министерството за здравство во последните четири месеци од вкупниот број на починати од КОВИД 19, околу 80 % биле невакцинирани.