Далеку сме од евтина држава – Во Англија литар млеко е 33 денари, 25 денари е кило леб

Граѓани на Твитер ги коментираат цените на основните продукти во Македонија и дело од земјите во Европа, па според фотографиите и коментарите излегува дека за некои производи во Македонија граѓанитѕе ги плаќаат и поскапо од граѓаните на некои земји на ЕУ како Англија и Германија.

Според фотографиите едно литро млеко во Англија може да се најде за 46.9 пени или скоро пола фунта за едно литро. Додека пак едно кило леб може да се најде за 36 пени или третина фунта.

Цените во Германија 

Репортер на Дојче Веле во вторникот посетил маркет на Лидл во Бон, за да споредиме каква е цената на дел од основните производи во Германија- каде нема замрзнување на цените- и Македонија каде тоа се практикува од минатата недела.


Така на пример, сончогледово масло во овој дисконт во Германија чини 1,39 евра. Истото во Македонија ќе го најдете од 89 денари- близу 1,5 евра- па нагоре.

Пченичното брашно во Бон можете да го купите за 45 центи, во Македонија за 40 денари или околу 20 евроценти поскапо.

Кристален шеќер во Лидл чини 79 центи, во македонските дисконти може да се најде поевтино- за 40 денари.

Млекото со 3,5 отсто масленост во Македонија ќе ве чини најмалку 50 денари, во Германија може да се најде за 80 центи.

Ако купувате месо, во Македонија ќе минете нешто поевтино- за килограм свинско ќе платите околу 350 денари, додека во Германија 6,99 евра.


Севкупно гледано, цените на производите се слични, со таа разлика што стандардот на граѓаните во Германија е далеку повисок- барем седумпати од македонскиот. 

Според податоците за 2019 година на Еуростат во извештајот од 2020 година Македонија има најефтина храна и пијалоци во Европа.

Статистиката на Еуростат покажуваше дека во Македонија граѓаните купуваат најевтина храна, безалкохолни пијалоци (кафе, чај, минерална вода, овошни сокови и др.) и тутун од сите 37 држави на европскиот континент.


Анализата на Еуростат, со податоци од 2019 година, тогаш ја смести Македонија на дното во Европа според трошоците за основните потрошувачки производи, или обратно, на врвот како најевтина. 

Се прашуваме дали по споредбиве состојбата не е променета ако се земе фактот дека просечната плата во Европската унија e 2000 евра во споредба со нашите плати кои официјално се 470 евра или во септември 2021 во нето вредност по вработен е 28 869 денари.