Двајца Македонци ТРЕТ ПАТ прележале Ковид-19

Двајца македонски граѓани по трет пат добиле Ковид-19. За вториот потврден случај пријавата во Институтот за јавно здравје пристигнала вчера и се уште е во тек епидемиолошката анкета. Според информациите од ИЈЗ, едниот примил две дози на вакцина а другиот е со статус невакциниран.

– За едниот е готова епидемиолошката анкета и станува збор за лице со бубрежна болест што оди на дијализа со намален имунитет и по трет пат се заразува, вели Драган Кочински епидемиолог во ИЈЗ.

Освен двата случаи кои по трет пат добиле позитивен тест, досега се регистрирани и 964 реинфекции и според епидемиолозите ги има од сите возрасни групи и со и без коморбидитети.

Од анализите што ги прават во Институтот за јавно здравје повеќе заболуваат жени од мажи, но поголем ризик од смртен изход има кај посилниот пол. Од ИЈЗ досега не проверувале во примероците дали е присутен омикрон во земјата и тоа ќе го прават со следното истражување. Во светот пак новата варијанта веќе ја има во повеќе од 50 земји а се повеќе случаи привајуваат и во Европа.

– Од случаите во Европа станува збор за лица што патувале но има и пријави за локална трансмисија. Засега не ги знаеме сите особености на вирусот како и колку се ефикасни вакцините, вели Михаела Хегерман од Регионалната канцеларија на СЗО во Европа.

И додека чекаме колку е опасен Омикрон, следната недела мисија на СЗО доаѓа во земјата за увид во модуларните болници. Но засега не се знае дали тоа е поврзано со пожарот во тетовската модуларна во која загинаа 14 пациенти.